Вкупно 11 видови рак се во пораст кај младите луѓе: Научниците ја пронајдоа првата индиција зошто се случува тоа

Точка

29/04/2026

18:00

955

Големина на фонт

а а а

Единаесет видови рак стануваат сè почести меѓу младите луѓе во Англија, покажува една голема анализа.

Целосното објаснување зошто стапките на рак се зголемуваат сè уште им е непознато на научниците. Но, студијата открива дека долгоротрајниот тренд на пораст на прекумерната тежина веројатно има одредена улога, иако тоа воопшто не е целата приказна, пишува Би-би-си.

Научниците од Институтот за истражување на ракот и Империјал колеџот во Лондон нагласуваат дека карциномот кај младите е сè уште редок и дека секој може да го намали ризикот со здрав начин на живот.

Губење на тежина

Зошто ракот се зголемува кај тинејџерите, луѓето во своите 20-ти, 30-ти и 40-ти години, ги збунува научниците со години.

На пример, Бредли Кумбс од Портсмут имал само 23 години кога починал од рак на дебелото црево. Неговата мајка Каролин Мусдејл вели дека, и покрај многуте „црвени знамиња“, симптомите честопати биле игнорирани затоа што бил „премногу млад“ за болеста.


Тој бил, како што вели Каролин, „во форма и здрав млад човек“, пред да потпише полупрофесионален фудбалски договор и да ужива во животот. Немало ништо очигледно што би го сместило во ризичната група.

Но, по првата година од студиите, тој одеднаш почнал да губи тежина и да чувствува болки во стомакот. Потоа се појавиле дијареја и крв во столицата. Потребни биле 18 месеци со симптоми за да се постави дијагноза. Кога конечно била извршена колоноскопијата, туморот бил толку голем што ја блокирал камерата.

Операцијата и хемотерапијата не успеале да ја запрат болеста – Бредли починал.

„Како и секој родител, чувствував дека ќе ги оствари своите соништа и ќе има прекрасен живот, но тоа му беше одземено затоа што ракот на цревата со рана појава не беше навреме препознаен“, рекла Каролин.


Ретко може со сигурност да се знае зошто некоја личноста развива рак. Но, тим научници ги анализирал националните трендови во ракот и начинот на живот за да пронајдат обрасци.

Утврдено е дека, освен ракот на цревата, се зголемуваат и случаите на рак на тироидната жлезда, мултипен миелом, црниот дроб, бубрезите, жолчниот меур, панкреасот, слузницата на матката (ендометриум), усната празнина, дојката и јајчниците.

11.500 случаи на рак на цревата и дојката кај помлади возрасни

Ракот на цревата и дојката е најчест кај младите возрасни, со околу 11.500 случаи годишно, додека карциномот на панкреас и на жолчен меур е многу поредок. Само ракот на дебелото црево и јајчниците расте исклучиво кај младите луѓе, додека другите девет растат и кај постарите возрасни групи.

Студијата анализирала и познати фактори на ризик поврзани со начинот на живот. Се покажало дека пушењето, консумирањето алкохол, физичката активност, внесувањето црвено и преработено месо, како и исхраната сиромашна со влакна, се или во опаѓање или се стабилни.


Иако сите овие фактори влијаат на ризикот од рак, тие не го објаснуваат неговиот пораст. Единствен податок што се совпаднал со порастот на ракот е зголемувањето на прекумерната телесна тежина, односно дебелината, што трае од 1990-тите.

Се смета дека вишокот масно ткиво ги менува хормоните во телото, како што е инсулинот, што може да влијае на развојот на ракот. Но, ниту тоа не е целосно објаснување.

На пример, во случајот со ракот на дебелото црево, се проценува дека од 100 дополнителни случаи, 20 од нив би можеле да бидат поврзани со прекумерната тежина, додека за преостанатите 80 причината сè уште е непозната.

Научниците ја нагласуваат важноста на спречувањето на сите видови рак, не само на „дополнителните“ случаи. Се проценува дека речиси 40 отсто од сите видови рак во светот можат да се спречат со здрав начин на живот, како што е непушењето.

„Загрижувачки е да се слушне дека ракот се зголемува кај младите луѓе. Но, постојат работи што можеме да ги направиме за да го намалиме ризикот – како што се физичка активност и одржување здрава тежина“, рекла професорката Монсерат Гарсија Клосас.


Истражувачите истакнуваат и дека, и покрај порастот кај младите луѓе, случаите на рак и понатаму се значително почести кај постарите возрасни групи.

Околу еден од 1.000 млади луѓе (во 20-ти, 30-ти и 40-ти години) годишно добиваат дијагноза на рак, во споредба со околу еден од 100 во постарите групи (50-ти, 60-ти и 70-ти години).

Потрагата по други фактори на ризик продолжува. Професорот Марк Гунтер наведува дека се дискутира за влијанието на ултрапреработената храна, „вечните хемикалии“ (PFAS) и употребата на антибиотици, но нагласува дека „сè уште има многу што не знаеме“.

Се споменуваат и засладените пијалаци, воспаленијата, загадување на воздухот, цревните бактерии и пестицидите. Исто така, се истражува дали напредокот во дијагностиката доведува до почесто откривање на ракот на помлада возраст.