Викендов повторно нѐ чека ритуалот којшто едни ги радува поради дополнителниот час сон, а други ги нервира затоа што се нарушува рутината и носи сѐ пократки денови.
Ноќта 25 кон 26 октомври, точно во три часот наутро, стрелките од часовникот ќе ги вратиме еден час назад – на 2 часот.
Така се враќаме на стандардното, зимско сметање на времето. Но, додека многу од луѓето се радуваат на „подарувањето“ еден час дополнителен сон, научната заедница сѐ погласно предупредува на цената која ја плаќаме за оваа пракса и која е многу поголема од еден дополнителен час сон.
Она што некогаш се сметало за безизлезна промена, денес се препознава како сериозен здравствен ризик.

Поместувањето на часовникот двапати годишно го нарушува нашиот внатрешен биолошки часовник – циркадијалниот ритам којшто управува со клучните телесни функции: циклусот на спиење и будноста, лачење на хормони, метаболизам, крвен притисок и работа на срцето.
Најновото истражување на научниците од престижниот американски Универзитет Станфорд дало највозбудливи докази досега за долгорочната штета на оваа пракса.
Во споредба биле три сценарија – сегашниот систем на поместување на стрелките на часовникот, трајното летно и трајното зимски сметање на времето, а се докажало дека токму двојното годишно поместување на стрелките од часовникот е најштетно за здравјето. Моделите биле засновани на податоци на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, а покажале дека укинувањето на поместување на стрелките од часовникот и преминување на трајно стандардно време имало огромни позитивни ефекти.
Се проценува дека само во САД така може да се спречат околу 300.000 мозочни удари годишно и да се намали бројот на лица на кои им се заканува за околу 2,6 милиони.
„Колку повеќе сте изложени на светлина во погрешно време, толку послабо работи вашиот циркадијален часовник. Тоа влијае на имунитетот, нивото на енергија и многу други аспекти од здравјето“, предупредил д-р Џејми Зеитзер, главен автор на студијата.
Овие долгорочни студии покажале дека по пролетното поместување на часовникот расте и бројот на срцеви удари, сообраќајни несреќи и повреда на работно место, поради недостатокот на сон и уморот.
Вечна дилема: Зимско или летно време?
Иако поголем дел од експертите сметаат дека праксата на поместување на стрелките од часовникот треба да се укине, прашањето е кое време да се задржи.
Оние кои се согласни со летното сметање на времето ги истакнуваат предностите од подолгите вечери и поголемото слободно време после работа, што тврдат може да ја намали стапката на криминал.

Меѓутоа, кога САД во 1974 година поради кризата со нафтата привремено вовел целогодишно летно сметање на времето, мерката била укината по неколку месеци затоа што граѓаните се грижеле што децата мора да одат на училиште во мрак.
Од друга страна научниците и докторите речиси едногласно го поддржуваат трајното преминување на зимско сметање на времето затоа што клучот е во утринската светлина.
„Општо, потребно ни е повеќе утринска, а помалку вечерна светлина за нашето тело да остане усогласено со 24-часовниот ритам“, објаснува д-р Зеитзер.
Утринската светлина е главен сигнал којшто го „рестартира“ нашиот внатрешен часовник и се усогласува со надворешната светлина.
Затоа водечките медицински организации, како Американската академија за медицина за спиење и Американското здружение на доктори, препорачуваат трајно преминување на стандардно време како најдобро решение за јавното здравје.













