Историска средба во Ватикан... По речиси половина милениум, колку што трае расколот меѓу Англиканската и Римокатоличката црква, во Систинската капела се одржа заедничка богослужба на која присуствуваа британскиот крал Чарлс и папата Лав.
Во кратка државна посета на Светата столица престојува и кралицата Камила, која за оваа посебна церемонија избра едноставна тоалета, со целосно почитување на протоколот.

Само седум жени имаат привилегија да носат бело во присуство на папата. Станува збор за највисоките претставнички на земји каде што монархијата и религијата – католицизмот – играат значајна улога и се длабоко вкоренети во националниот идентитет.
Бидејќи беше врховен поглавар на Англиканската црква, кралицата Елизабета не беше меѓу тие привилегирани дами. Затоа, при својата прва посета на Ватикан во 1961 година, носеше црна тоалета и долг вел. Во истата боја, пред папата Лав XIV денес се појави и кралицата Камила.

Иако Елизабета никогаш јавно не се молеше со поглаварот на католичката црква, кралот Чарлс направи историски потег појавувајќи се на заедничката богослужба на двете цркви во Систинската капела.
Неговата сопруга се придржуваше до традицијата и во целост го почитуваше дрес-кодот, нагласуваат медиумите, пофалувајќи ја свилената црна креација на дизајнерката Фиона Клер — чија облека кралицата Камила често ја носи — како и интересниот вел, создаден во ателјето на мајсторот за шешири и фасцинатори, Филип Трејси. Дискретно ѝ оддаде почит и на покојната кралица, носејќи елегантен брош во форма на крст. Сè според протоколот.

Ватиканските правила се јасни и едноставни: црна облека со долги ракави, свилен или чипкан вел што целосно или делумно го покрива лицето, без деколте и без откриени нозе над колената. Црнината во овој контекст симболизира скромност, почит и достоинствена жалост за Христос, кој ја поднел жртвата за спас на човештвото. Отсуството на други бои ја одразува понизноста.

Контраст е белата боја — која на свечени настани во присуство на папата можат да ја носат само одредени католички кралици и принцези. Во моментов тоа се: шпанската кралица Летиција, принцезата Шарлин од Монако, кралицата Матилда од Белгија, големата војвотка Марија Тереза од Луксембург, принцезата Марина од Неапол, како и двете кралици чии сопрузи повеќе не се на тронот — Софија од Шпанија и Паола од Белгија.













