Контроверзниот лек ги изненади научниците: Популарното средство против дебелина покажа една важна корист за срцето

Точка

24/10/2025

14:36

570

Големина на фонт

а а а

Ново истражување открива дека популарниот лек против дебелина можеби влијае на здравјето на срцето на начин кој нема многу врска со самото слабеење. Научниците велат дека овие резултати би можеле да го променат начинот на кој го разбираме дејството на овие лекови.

Најновата студија покажа дека популарните лекови против дебелина можат да го подобрат здравјето на срцето дури и кај лица кои не изгубиле многу килограми за време на терапијата.

Пациенти кои во рамки на клиничкото испитување го примале овој лек имале значително помал ризик од срцев или мозочен удар, без разлика дали биле само благо дебели или имале тежок облик на дебелина. Користите биле забележани и кај оние кои изгубиле малку или воопшто не изгубиле на тежина.


„Овие наоди го менуваат нашето разбирање за начинот на кој лекот делува“, рекол професорот по кардиологија на Универзитетскиот колеџ во Лондон, д-р Џон Динфилд, еден од авторите на студијата.

„Иако е познат како инјекција за слабеење, неговите придобивки за срцето не се директно поврзани со количината на изгубената тежина“, додал тој.

Студијата е објавена во престижното медицинско списание „The Lancet“, по претставувањето на нејзините прелиминарни резултати минатата година.

Истражувањето било финансирано од данската фармацевтска компанија „Novo Nordisk“, производител на популарниот лек семаглутид, кој се продава под името „Ozempic“ за лекување на дијабетес тип 2, односно „Wegovy“ за дебелина и здравствени проблеми поврзани со вишокот на килограми.

Семаглутидот спаѓа во групата лекови познати како агонисти на GLP-1 рецепторите, кои помагаат при слабеење преку имитирање на хормон што создава чувство на ситост.

Студијата опфатила повеќе од 17.600 лица постари од 45 години, со вишок телесна тежина и срцеви заболувања, но без дијабетес. Учесниците случајно добивале или неделни инјекции со семаглутид или плацебо.

Резултатите покажале дека пациентите кои го примале лекот имале 20% помал ризик од срцев и мозочен удар, како и од други сериозни кардиоваскуларни настани.

Исто така, била забележана поврзаност помеѓу здравјето на срцето и намалувањето на обемот на струкот, што сочинувало околу една третина од вкупното подобрување по две години.


Динфилд објаснил дека тоа не е изненадувачки, бидејќи маснотијата во пределот на стомакот „е поопасна за кардиоваскуларното здравје отколку вкупната телесна тежина“.

Сепак, тој додал дека придобивките за срцето во голема мера се независни од количината на изгубената тежина во првите 4,5 месеци од земањето на лекот.

„Не мора да изгубите многу килограми ниту да имате висок индекс на телесна маса (BMI) за да остварите придобивки за здравјето на срцето“, рекол Динфилд.

Научниците веруваат дека лековите GLP-1 го намалуваат ризикот од срцеви заболувања така што ги ублажуваат воспалителните процеси, ја подобруваат контрола на крвниот притисок, го намалуваат нивото на холестерол и масти во крвта и ја поттикнуваат здравата функција на крвните садови.

Динфилд истакнал дека резултатите ја поддржуваат идејата за поширок пристап до семаглутид, наместо ограничување на неговата употреба само на најтешко заболени пациенти или за пократки временски периоди.


Сепак, тој предупредил дека е неопходно внимателно да се следат можните несакани ефекти, бидејќи лекот може да помогне на голем број различни пациенти.

Најчести несакани ефекти вклучуваат мачнина, дијареа и повраќање.