[ФОТО/ВИДЕО] Поради говорот на кралската вечера: Трамп наречен „национална срамота“

Точка

18/09/2025

15:18

1.243

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно е во центарот на вниманието, а овој пат поради говорот што го одржал на кралската вечера во рамки на неговата државна посета на Обединетото Кралство.

Неговите изјави брзо предизвикаа лавина коментари, а многумина го нарекле „национална срамота“.

Трамп пристигна во Велика Британија во вторник, 16 септември, во придружба на првата дама Меланија Трамп, откако британскиот премиер Сер Кир Стармер уште во февруари му врачил покана од кралот Чарлс III за она што е опишано како „вистински историска“ и „невидена“ втора државна посета.


Средата беше напорен ден за Трампови – откако ги пречекале принцот и принцезата од Велс во замокот Виндзор, тие се сретнале со кралот и кралицата, а денот го завршиле со државен банкет.

Говор пред кралот

Како што често е случај со појавувањата на Трамп, овој говор бил сè друго освен здодевен. „Привилегија е да се биде првиот американски претседател кој е пречекан тука. И ако размислите за тоа, имало многу претседатели. Можеби е последен пат – всушност, се надевам дека ќе биде“, рече Трамп.

Тој додаде дека посетата е една од најголемите почести во неговиот живот, изразувајќи ја својата почит кон кралот и земјата.


Остри реакции на социјалните мрежи

Меѓутоа говорот не беше добро прифатен од јавноста, што веднаш беше очигледно на социјалните мрежи. Еден корисник на Икс напиша: „Нула секунди без да биде национална срамота“. Друг корисник додаде: „Тоа е класично задевање на Трамп: измешана временска линија, малку самопофалба и намигнување на наследството“.


„Не си посебен“, „Те молам престани“, „Само Трамп можеше да натрупа толку многу збунувачки придавки во еден говор. Смешно“, „Непријатно. Трамп брбори на кралска државна вечера, тврдејќи дека е „првиот“ претседател што е пречекан – а потоа се надева дека е последниот. Книгите по историја ќе го паметат ова … како комедија“, беа само дел од коментарите за говорот на Трамп.

Пораки од кралот Чарлс

Во неговиот говор кралот Чарлс го истакнал силниот однос меѓу САД и Велика Британија. „Денес, нашиот сојуз опфаќа секоја област на делување и покажува огромен потенцијал за раст“, рече тој. „Велика Британија беше ваш партнер во првиот трговски договор на вашата администрација, господине претседателе, носејќи работни места и раст во двете наши земји. И несомнено можеме да одиме уште подалеку додека ја градиме оваа нова ера на нашето партнерство“, додаде Чарлс.


Трамп, исто така, се осврна на тој посебен однос, сликовито опишувајќи го: „Ние сме како две ноти во еден  акорд или два стиха од иста песна. Секоја убава сама по себе, но всушност наменета да се свири заедно. Врската на сродство и идентитет меѓу Америка и Велика Британија е бесценета и вечна. Таа е бесценета и нераскинлива“, истакна американскиот претседател.

Инаку на банкетот во замокот Виндзор присуствувале 160 гости, вклучувајќи го британскиот премиер Стармер, Тим Кук од компанијата Епл и извршниот директор на „OpenAI“, Сем Алтман.