Очите на целиот свет овие денови се вперени кон Велика Британија, кралот и американскиот претседател Доналд Трамп. Не помалку внимание привлекоа и принцезата Кејт Мидлтон, како и Меланија Трамп.
Сите со нетрпение очекуваа американското дуо да го посети кралското семејство, што се случи во вторник навечер.
Имено, Доналд и Меланија Трамп слетале во Велика Британија во вторник, а веќе денеска еден детаљ го привлече вниманието на јавноста. Додека ја разгледувал почесната гарда, Трамп чекорел пред кралот Чарлс.
Иако многумина помислија дека со тоа тој го прекршил протоколот, всушност станува збор за традиција: кога светските лидери се во посета на Велика Британија, тие ја предводат „инспекцијата“, додека монархот оди неколку чекори зад нив.
Самиот крал и потполковник Сторм Грин, капетан на гардата, го поканиле претседателот да ја прегледа почесната гарда, составена од Гренадирската гарда, Колдстримската гарда и Шкотската гарда.
Трамп делувал воодушевено додека поминувал покрај првите редови војници, а кралот го следел од дистанца, како што наложуваат правилата. По враќањето на подиумот, Трамп неколкупати му се заблагодарил на капетанот на гардата: – Ви благодарам, ви благодарам многу.
„Внимавај на мечот!“ – се пошегувал кралот во моментот кога церемонијата завршила и кога капетанот на гардата го кренал својот меч. Потоа, кралот и американскиот претседател заедно ја набљудувале парадата на Кралската коњичка артилерија, Кралската свита и Почесната гарда.
Ова не е прва средба на Трамп со ваков протокол. Уште во 2019 година, за време на неговата прва државна посета на тогашната кралица Елизабета II, тој исто така чекорел пред неа за време на прегледот на гардата.
Во тоа време, многу обожаватели на монархијата беа огорчени, но Бакингемската палата брзо потврди дека претседателот не ги прекршил правилата.
И оваа година церемонијата беше вистински спектакл. Додека кочиите минувале низ замок Виндзор, оркестарот ги свирел и американската и британската национална химна.
Церемонијалната поворка ги вклучувала ирските и шкотските државни кочии, како и легендарните кочии Аскот Ландау.
Влегувањето во Виндзор било речиси филмско. Хеликоптерот „Marine Van“ слетал заедно со уште два американски хеликоптери на тревникот во рамките на ѕидините на замокот, што додаде посебна драматика на целата посета. Принцот Вилијам и принцезата Кејт ги пречекале претседателот и првата дама, по што се упатиле кон куќата Викторија, каде што веќе чекале кралот и кралицата.