Го продала фустанот за 135 долари, а потоа дознала колку навистина вреди: „Најголемата грешка во мојот живот“

Точка

02/09/2025

08:34

3.597

Големина на фонт

а а а

Продавачка на винтиџ облека од Висконсин сподели горко искуство откако случајно продала дизајнерски фустан вреден илјадници долари за само 135 долари.

Дваесет и двегодишната Хана, која се занимава со препродажба на винтиџ мода од својата 17-та година, ја опиша неодамнешната продажба на платформа за аукции во живо како „најголемата грешка во мојот живот“.

Скапа грешка на аукција во живо

Сè започнало за време на пренос во живо, кога Хана го понудила фустанот на аукција.

„Почнав со почетна понуда од 30 долари, а околу 60 гледачи во мојот пренос ја кренаа цената на речиси 135 долари“, раскажала таа. „Сфатив дека вреди малку повеќе уште пред да ја пуштам аукцијата, бидејќи луѓето во преносот беа премногу возбудени и ме информираа за марката.“

Наскоро се покажало дека станува збор за ретко дизајнерско парче, чија вредност се проценува на околу 3.000 долари – далеку повеќе од сумата за која го продала.

Одлука да ја испочитува продажбата

Откако ја споделила својата грешка на интернет, многу колеги-препродавачи ѝ советувале да ја откаже нарачката и повторно да го понуди фустанот по вистинската цена. Сепак, Хана одлучила да ја испочитува продажбата.

„По неколку часа, бев главно возбудена што можам да споделам толку иконичен винтиџ фустан со некој кој инаку можеби не би можел да си го дозволи – а сепак јас остварив профит“, рекла таа. Ваквите грешки ги смета за составен дел од работата: „Секој препродавач има некоја ’упс!‘ приказна, кога ќе продаде нешто за помалку отколку што вреди.“

Поделени реакции на интернет

Нејзината приказна на „Instagram“ и „TikTok“ предизвика лавина реакции. Додека едни изразија сочувство, други остро ја критикуваа нејзината професија, обвинувајќи ги препродавачите дека „крадат од сиромашните“.

Хана возвратила на критиките, истакнувајќи дека продавниците за користена облека и донаторските центри во САД се преполни. „Во светот има доволно облека за да ги облече следните седум генерации без да се изработи ниту едно ново парче“, нагласила таа, додавајќи дека препродавачите играат важна улога во одржливоста, охрабрувајќи ги купувачите да изберат користена облека наместо брза мода.

„Second hand модата му дава нов живот на стариот гардеробер“, заклучила Хана. „Не само што добивате уникатно парче, туку и помагате да се намали отпадот. Зошто би сакале да носите маица што ја имаат уште милион луѓе?“