[ФОТО/ВИДЕО] Браќа од Шкотска поставија нов светски рекорд во веслање низ Тихиот океан: Патувањето траело речиси 140 дена

Точка

02/09/2025

19:54

494

Големина на фонт

а а а

Тројца браќа од Единбург поставија нов рекорд за веслање низ Тихиот Океан без престан и без поддршка по речиси 140 дена поминати на море.

Џејми, Јуан и Лахлан Меклин се соочиле со жестоки тропски бури што ги принудиле да прават долги заобиколувања на нивното патување долго 14.484 километри од Перу до Австралија.

За време на една бура, голем бран го исфрлил Лахлан од чамецот во морето, но другите двајца браќа успеале да го извлечат.


Браќата, кои повторно се сретнале со семејството и пријателите во Кернс, источна Австралија, рекоа дека најмногу ѝ се радуваат на пицата и добриот ноќен сон.

„Сè уште се чувствува малку надреално – ќе ни треба малку време повторно да се вратиме на нозе, но пречекот во Кернс беше неверојатен“, изјави Јуан за Би-би-си.


Џејми додаде дека преминувањето било физички и ментално „немилосрдно“, но нагласи: „Заедно сме многу добар тим и заедно успеавме да го надминеме овој огромен предизвик“.

Пред пет години тие поставија три светски рекорди веслајќи преку Атлантскиот Океан за само 35 дена, станувајќи првите тројца браќа што веслале преку кој било океан, најмладото и најбрзо трио што веслало на патување долго 4.800 км од Канарските Острови до Антигва.

Силни ветрови

Шкотското трио го сруши претходниот рекорд од 162 дена за најбрзо целосно, самостојно и непрекинато веслање преку Пацификот, поставен во 2014 година од рускиот соло веслач Фјодор Коњуков.

Нивното конечно време беше 139 дена, пет часа и 52 минути.


Голем дел од тренинзите браќата ги поминале на морето во близина на нивниот имот во Асинт.

Нивниот брод од јаглеродни влакна е именуван „Роуз Емили“, во спомен на нивната сестра, која починала во 1996 година, шест и пол месеци по почетокот на бременоста поради компликации.

Браќата, кои досега собрале повеќе од 700.000 фунти од нивната цел од 1 милион фунти за проекти за чиста вода во Мадагаскар, се надевале дека ќе го завршат патувањето уште побрзо.



„Тргнавме само со сон да го преминеме овој океан и да собереме што е можно повеќе пари… и навистина е неверојатна поддршката што ја добивме“, рече Еван во објава на Инстаграм додека нивниот брод се приближуваше до Кернс.

Но, лошото време го забави последниот дел од нивното патување, вклучувајќи ги силните ветрови во текот на ноќта во четврток и петок.