Денеска роденден слави Дидие Дрогба. Роден на 11 март 1978 година во Абиџан, главниот град на Брегот на Слоновата Коска, Дрогба е еден од најуспешните африкански фудбалери на сите времиња. Неговата кариера е обележана со бројни успеси, посебно во дресот на Челси, за кој играше во два наврати и постигна 164 гола во 381 натпревар. Беше клучен играч во освојувањето на четири титули во Премиер лигата, четири ФА купа и една Лига на шампиони, прва во историјата на лондонскиот клуб.
Дрогба исто така е првиот африкански играч кој постигнал 100 гола во Премиер лигата. Двократен е добитник на наградата за Африкански фудбалер на годината, која ја освои во 2006 и 2009 година. Како капитен на репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска, Дрогба постигна 65 гола во 105 натпревари и ја водеше екипата на три Светски првенства.
Го однесе Челси до првата титула шампион на Европа
Неговата меѓународна кариера беше обележана со многу успеси, но Брегот на Слоновата Коска не успеа да ја однесе до трофеј. Меѓу неговите најдобрите натпревари се истакнува финалето на Лигата на шампиони во 2012 година, кога постигна изедначувачки гол во 88. минута против Баерн Минхен.
Овој гол често се нарекува еден од најдобрите удари со глава на фудбалските терени. Дрогба скокна високо на првата статива и во многу тешка ситуација со глава ја погоди топката во раширената мрежа. Еден од најдобрите голмани на сите времиња, Мануел Ноер, беше немоќен.
По продолженијата постигна и одлучувачки пенал во изведувањето на пеналите. Оваа победа ќе остане запаметена како најзначајна во неговата кариера. Оваа победа дополнително ја потврди неговата способност да биде одлучувачки играч во големите натпревари. Дрогба постигна одлучувачки гол од слободен удар во победата над Портсмут обезбедувајќи ја двојната круна за Челси.
Мурињо: Плати и молчи
Патот на Дрогба до врвот беше долг. На најелитно ниво пристигна дури како 26-годишник. Родителите го испратија во Франција кај роднини кога бил дете, а неговата мајка го нарекувала Тито, именувајќи го според југословенскиот претседател кој го обожувала.
Младиот Дрогба го имал својот дебитантски настап во Ле Ман, а потоа играл за Генгам и се пресели во Марсеј. Кога Жозе Мурињо го презеде Челси, во високиот Африканец виде идеален лидер на нападот, но најпрво мораше да го убеди сопственикот на клубот, Роман Абрамович, да го купи.
„Јасно се сеќавам дека ме праша Абрамович: ’Кој? Кого сакате за напаѓач?‘ Со сите големи имиња во Европа во тоа време, му реков Дрогба. ’Кој е тој? Каде игра?‘ Му реков: ’Господине Абрамович, плати и молчи‘“, се сеќава многу години подоцна Мурињо. Дрогба беше обожуван од љубителите на фудбалот ширум светот заради неговата физичка сила и вештина.