Хашим Тачи прогласен за виновен за воени злосторства, осуден на 25 години затвор

Макфакс

16/09/2026

12:07

2.147

Големина на фонт

а а а

Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи е прогласен за виновен за воени злосторства и осуден на 25 години затвор. Заедно со уште тројца поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово, тие се товарат за тешки кривични дела извршени во периодот на конфликтот во Косово.

Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи е прогласен за виновен за воени злосторства и осуден на 25 години затвор пред Специјализираните совети на Косово во Хаг. Судот го осуди и Јакуп Красниќи на 25 години затвор, Кадри Весели на 18, а Реџеп Селими на 13 години затвор.

Четворицата поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово се прогласени за кривично одговорни за самоволно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и противправни убиства.

Судот утврди дека злосторствата биле тешки и географски распространети и дека биле извршени во 14 косовски општини и две области во северна Албанија. Меѓутоа, судскиот совет соопшти дека обвинителството не докажало дека обвинетите извршиле злосторства против човештвото.


Судскиот совет утврди дека Тачи дал клучен придонес во остварувањето на заедничката злосторничка цел. Тој и останатите обвинети, според судот, поставувале лојални луѓе на различни позиции за да ја задржат контролата во рамките на ОВК.

Судот утврди и дека Тачи знаел за значителен број злосторства извршени врз лица кои биле сметани за противници, но не презел мерки за да ги спречи или да ги казни сторителите.

Советот заклучи дека Тачи лично учествувал во злосторствата и дека ширел или помагал во ширењето невистинити информации за нив, со што придонел кон политиката на неказнивост.


Според наодите на советот, одговорноста на четворицата осудени е индивидуална, но тие дејствувале заедно за остварување на заедничка злосторничка цел.

Судијата Чарлс Смит Трети рече дека тие заеднички воспоставувале објекти за притвор, на други лица им доделувале улоги и позиции потребни за остварување на таа цел и преку соопштенија ја ширеле својата политика. Судот заклучи и дека на сторителите на злосторствата им обезбедувале неказнивост.

Мета биле членови и претставници на други политички и воени сили, особено лица поврзани со Демократскиот сојуз на Косово и Вооружените сили на Република Косово. Меѓу нив имало и лица поврзани со властите на Сојузна Република Југославија, како и Срби и Роми.

Судскиот совет утврди дека припадници на ОВК од април 1998 до јуни 1999 година, во 12 косовски општини и една област во Албанија, презеле дејствија што довеле до убиство на 96 лица кои не учествувале активно во борбите.


Утврдено е и дека најмалку 385 лица биле незаконски уапсени и притворени на локации под контрола на ОВК. Меѓу притворените имало наставници, земјоделци, жени и деца.

Судијата рече дека притворените биле обвинувани дека се „српски соработници“, „предавници“ или „шпиони“, иако немало докази дека сториле кривично дело. Некои биле уапсени поради гласини дека соработувале со српските сили, а други поради нивната етничка припадност.

Судот утврди дека притворениците биле држени во нечовечки услови и биле подложени на тешко физичко и психичко малтретирање. Некои биле претепани до тој степен што повеќе не можеле да стојат, а некои починале како последица на тепањето. На некои од притворениците им биле вадени ноктите и кршени екстремитетите, додека бројни преживеани и денес ги чувствуваат последиците од мачењето.

Судот заклучи дека обвинителството не докажало постоење на широко распространет напад врз цивилното население, што е неопходен правен услов за осуда за злосторства против човештвото.


Затоа четворицата обвинети не беа прогласени за виновни за злосторства против човештвото што опфаќаа прогон, затворање, нечовечки дела, мачење, убиства и присилни исчезнувања. Тие беа прогласени за виновни за исти или поврзани дела квалификувани како воени злосторства.

Смит на почетокот на изрекувањето на пресудата нагласи дека не ѝ се суди на Ослободителната војска на Косово, ниту на легитимноста на нејзината борба, туку на четворицата обвинети за конкретни злосторства.

„Овој предмет не е за легитимноста на Ослободителната војска на Косово“, рече Смит.

Тој додаде дека судот не ја споредува одговорноста на спротивставените страни, ниту одлучува за злосторствата што српските сили и паравоените формации ги извршиле врз Албанците на Косово.

Смит рече и дека постапката се одвивала во „атмосфера на заплашување на сведоците“. Тој наведе дека некои сведоци лажеле или ги менувале претходните искази и дека некои можеби постапувале така поради страв за сопствената безбедност или поради чувство на лојалност.

Обвинителството за секој од обвинетите бараше по 45 години затвор, додека нивните одбрани бараа ослободителни пресуди. Пресудата е првостепена и против неа може да се поднесе жалба.