Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, и две вработени во Општина Карпош за злоупотреба на службена положба и несавесно работење во службата поврзано со издавање одобренија за градење спротивно на урбанистичкиот план.
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски за „несовесно работење во службата“. Кривични пријави се поднесени и против раководителка и вработена во Секторот за урбанизам во Општина Карпош за „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Како што соопшти МВР, Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за економски криминал и корупција, во координација со СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, до ОЈО Скопје поднел кривична пријава против Б.Б. за четири кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, против С.С.Ѓ. за две исти кривични дела и против С.Ј. за „несовесно работење во службата“.

Првопријавената, како раководител на Сектор за урбанизам во Општина Карпош, во содејство со второпријавената, како вработена во истиот сектор, ја злоупотребиле својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност, така што иако знаеле и биле свесни дека издадениот Извод од план од страна на општината за ДУП претходно бил укинат со Одлука од 2018 година од Уставен суд и дека за истото од страна на третопријавениот како градоначалник на Општина Карпош биле дадени насоки да не се издаваат изводи од планови, одобренија за градење и слично за ДУП-овите кои се укинати од Уставниот суд, како и дека претходно два пати го одбивале барањето за издавање на одобрение за градење од инвеститорите поради истите и други причини, откако прво третопријавениот потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште без да изврши увид дека тие договори се однесуваат на барања поднесени за локација за која бил укинат ДУП и за кои самиот дал насоки да не се издаваат одобренија за градење, прво и второпријавените на 23.07.2025 на инвеститорите им издале Одобрение за градење, со што им овозможиле на инвеститорите противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 10.427.518 денари.
Понатаму, прво и второпријавената ја злоупотребиле својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност така што, иако знаеле и биле свесни дека инвеститорите кон поднесеното барање за издавање на одобрение за градење имаат доставено основен проект изработен спротивно на важечкиот урбанистички план, наместо да го вратат предметот на инвеститорите на доработка, истите на инвеститорите на 29.10.2025 им издале Одобрение за градење, со што им овозможиле на инвеститорите противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 13.021.914 денари.

Исто така, првопријавената ја злоупотребила својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност така што, иако знаела или требало да знае дека поднесеното барање од инвеститорот се однесува за градба-настрешница која не претставува настрешница во функција на постоечки објект согласно законските и подзаконските акти, туку засебен објект, поставен во простор со намена Д1 – парковско и пејсажно зеленило, односно во јавен простор и булеварски профил, и која воедно не била предвидена со важечкиот урбанистички план, како и дека од страна на подносителот на барањето во целост не била доставена потребната документација, ниту пак била извршена пресметка и наплата на надоместокот за уредување на градежно земјиште, истата на 25.03.2025 на инвеститорот му издала Решение за градба на настрешница.
Воедно, првопријавената ја злоупотребила својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност и така што, иако знаела или требало да знае дека за објектот-настрешница за кое било поднесено барање од инвеститорот претходно била поведена управна постапка и во 2024 година било донесено решение за отстранување на настрешницата, како и дека од страна на подносителот на барањето во целост не била доставена потребната документација, ниту пак била извршена пресметка и наплата на надоместокот за уредување на градежно земјиште, истата на 30.07.2025 на инвеститорот му издала Решение за градба на настрешница.
Кривичната се случува кусо откако Врховниот суд ја укина пресудата за Стевчо Јакимовски кој беше осуден на три години и шест месеци затвор за бесправно градење и злоупотреба на службената положба и овластувања.
















