Со заем од 46 милиони евра ќе се подобруваат условите во затворите

Макфакс

16/09/2026

15:40

195

Големина на фонт

а а а

Министерството за правда, со заем од 46 милиони евра од Банката за развој на Советот на Европа, работи на реконструкција и унапредување на условите во казнено-поправните установи во Северна Македонија, со цел да се обезбедат подобри услови за сместување и здравствена заштита согласно европските стандарди.

Министерот за правда Јетон Шасивари оствари средба со вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа, Томаш Бочек, на која беа разгледани активностите за реализација на проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Северна Македонија“.

„Проектот, кој се реализира со заем од ЦЕБ во износ од 46 милиони евра, има за цел унапредување на условите во казнено-поправните установи и обезбедување на современи услови за сместување, здравствена заштита, хигиена, работни и слободни активности на осудените и притворените лица, во согласност со европските стандарди“, велат од Министерството за правда.

Се додава дека активностите во текот на 2026 година продолжуваат согласно предвидената динамика. Во јули 2026 година е склучен и договор за стручен надзор над изградбата, додека постапката за избор на изведувач за изградбата на предвидените објекти е во тек.

Министерството за правда уверува дека останува посветено на унапредување на системот за извршување на санкциите и создавање современи и европски услови во казнено-поправните установи.