Македон Димитровски продолжува да реди успеси на меѓународната академска сцена. На само 12 години, младиот македонски талент е примен во престижната програма за талентирани млади при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД, наменета за ученици со исклучителни академски способности.
Веста ја сподели неговиот татко, Владимир Димитровски, а Македон веќе со години е познат на македонската јавност по своите извонредни способности и успесите на домашни и меѓународни натпревари.
Како што сподели таткото по тестирањето, Македон го добил и признанието „Grand Honors/SET“, кое се доделува за исклучително високи резултати во математиката и вербалните способности.
SET (Study of Exceptional Talent) е програма на „Џонс Хопкинс“ наменета за ученици кои на стандардизираните тестирања постигнуваат резултати значително над очекуваното за нивната возраст.
Особено впечатлив е податокот дека Македон на само 11 години постигнал 1.440 поени на SAT-тестот – 740 поени по математика и 700 поени во делот за читање и пишување.
Зад бројките и признанијата, како што истакнаа неговите родители, стои огромната љубов кон знаењето. Македон досега има освоено повеќе од 20 златни медали на меѓународни математички натпревари.
Неговиот успех претставува особена гордост за родителите, кои му порачаа да верува во себе, да учи, да сонува и да ги поместува сопствените граници.








