Чави со бомбастично интервју распали по Лапорта: Го стопираше враќањето на Меси за да има апсолутна моќ

Дерби

09/03/2026

13:00

306

Големина на фонт

а а а

Во денови кога се влегува во завршна фаза од претседателските кампањи во Барселона, Чави Ернандес реши без влакна на јазикот да распали по Жоан Лапорта, односно да излезе со серија изјави со кои посочи дека главниот фавирот за победа на изборите без срам ја лаже јавноста во изминатите неколку недели.

Лапорта имаше повеќе јавни излагања преку кои даде и свои објаснувања за отказот на Чави Ернандес и заминувањето на Лео Меси, па иако се чинеше дека славниот капитен ќе остана резервиран, сега во интервјуто за „Ла Вангардија“ Ернандес испорача бомбастично интервју.

Чави најпрво открива дека Лапорта дал лажна изјава за тоа како завршила неговата етапа како тренер во Барселона, но ја откри и суровата вистина за тоа зошто Меси не се врати во Барселона кога му истекуваше договорот во ПСЖ.

– Лапорта кажа доста лажни работи за моето заминување, вели дека сум барал смена на десет играчи, а реалноста е дека побарав да смениме само еден играч. На крајот, јас бев избркан од Алехандро Ечаварија, кој според мое мислење влече поважни потези и од Лапорта. На крајот, направија кампања против мене дека играчите не трчаат доволно, и почнаа да филтрираат пораки меѓу играчите дека јас не сакам дел од нив. Дури и за време на познатата „суши“ вечера која ја имав со Лапорта, тој беше оној кој ме убедуваше да останам во клубот откако јас претходно во јануари донесов одлука да си одам, – открива Чави, кој долови како бил стопиран трансферот на Меси.

– Претседателот не ја кажува вистината и за Меси. Лео беше речиси потпишан. Веднаш откако стана светски шампион со Аргентина, исконтактиравме со него на стартот на 2023-та година и тој лично ми кажа дека има желба и страст да се врати. Го гледав во проектот, разговаравме интензивно до март и тој беше уверен дека се враќа бидејќи јас му дадов збор. Лапорта почна да преговара со таткото на Меси и добивме и зелено светло од Ла Лига, но на крајот претседателот стопираше сè. Лапорта лично ми пиша дека се плаши од војна против него ако Меси се врати во клубот. Лапорта и неговите соработници се плашеа дека ќе ја загубат апсолутната моќ. Меси не се врати поради некои регулативи и повеќе пари кои ги бараше тој и таткото Хорхе, не се врати поради Лапорта, – образложува Чави.