Милан го доби и второто градско дерби против Интер со минимален резултат 1:0, а овојпат главната разлика ја направи Первис Еступињан кој успеа да го матира Зомер на извонреден начин.
Левиот бек го постигна првиот гол во Серија А и не можеше да избере подобар момент за такво нешто, но и самиот играч, но и Макс Алегри открија дека на тренинзите разработувале шема според која на таков начин ќе го напаѓаат Луис Енрике.
Макс Алегри воочил дефанзивни слабости кај играчот кој е поставен како поофанзивен десен бек, па токму тој беше главен таргет на играчите на Милан во првата фаза од натпреварот, односно во првото полувреме.
– Луис Енрике е многу добар играч, но ние подготвивме план според кој треба да напаѓаме од таа страна. Подготвивме различни комбинации и ситуации на тренинг за тоа како треба да го напаѓаме. Пред голот на Еступињан кој втрча фантастично, слично размислување за пас имаше и Рабио. Сфативме каде може да нанесеме штета и акцијата беше навистина добра. Фофана одлично ја процени опасноста и тимот го одработи она што го договоривме во целост, – изјави Алегри кој смета дека Интер и натаму останува апсолутен фаворит за титулата со седум бодови плус на табелата.
– Интер има предност од седум бода на врвот и тоа е голема предност во оваа фаза од сезоната. Исто така, Интер останува најсилен тим во лигата и тие се јасни фаворити за Скудетото. Сепак, мора да бидеме задоволни што го оставивме Јувентус на минус десет, Комо и Рома сега се на девет бода од нас и затоа беше многу важно да оствариме позитивен резултат против Интер, – изјави Алегри.








