Барселона не блескаше, но ја оствари целта на соочувањето со Атлетик Билбао, го освои целиот плен и ја задржа предноста од четири бода во однос на Реал Мадрид.
Погодокот на Ламин Јамал во 68 минута беше доволен за славје на „Сан Мамес“ и заокружување на седмицата со две победи без примен гол што секако носи самодоверба пред предизвикот во Лигата на шампионите, осминафиналето со премиерлигашот Њукасл.
-Малку страдавме кон крајот, но мислам дека се браневме многу добро во последните минути. Многу сум задоволен од победата. Знаеме дека мора да ја задржиме оваа предност, а знаејќи дека Реал Мадрид славеше, беше клучно да триумфираме. Токму тоа го направивме и сме воодушевени. Сега нашиот фокус е насочен кон вторник, -истакна Фермин Лопез кој е свесен што ги очекува на „Сент Џејмс Парк“.
-Влегуваме во добро расположение по победата. Исто така, знаеме дека ќе се соочиме со сличен натпревар како овој овде, на многу тежок стадион против многу физички противник. Се надеваме дека ќе одиграме одлично, ќе ја играме нашата нормална игра и ќе победиме, -порача Фермин.
Њукасл и Барселона веќе еднаш се сретнаа во оваа сезона и тоа во групната фаза во првото коло, каталонците славеа со 2-1.








