Зајкова: Колку жени уби молкот на институциите

Макфакс

05/03/2026

12:52

157

Големина на фонт

а а а

Рамајана. Росица. Кате. Марија. Која треба да е следна? Дали сите треба да умреме за да проработи системот? Дали треба уште едно име да стане хаштаг, уште една фотографија да стане црна рамка, уште едно дете да остане без мајка, уште една мајка/татко без ќерка – за институциите да сфатат дека молкот убива? Пријави за семејно насилство, закани. Но, од друга страна, институционален молк, истакна на собраниска седница претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

„Додека ние овде зборуваме за стратегии, акциски планови и родова еднаквост на хартија – жените умираат во реалноста.

Собранието нема право да молчи и да се крие зад процедурите. Собранието има одговорност.

Го отфрливте Законот за електронска нараквица за следење на сторителите на насилство. Без сериозна дебата и аргументи. Од тогаш само броиме жртви.

А денес? Денес устите полни со поддршка за жените. Каде беше таа поддршка кога требаше да се обезбеди конкретен механизам за заштита? Каде е парламентарниот надзор за институциите што молчеле? Каде е одговорноста? Зошто институциите ги остават жртвите сами?

Ова не се изолирани случаи. Ова е систем што реагира по притисок на јавноста, но не и по пријава“.

Зајкова праша колку жени уби системот со своето молчење.

Праша и колку пријави останале и уште колку се наоѓаат во фиока.

„Колку пати сме слушнале: „Тоа е семејна работа“?

Не, колеги. Тоа не е семејна работа. Тоа е државна одговорност. 8 Март не е ден за цвеќе и пригодни објави на социјални мрежи.

8 Март е ден за вистина. А вистината е дека државата потфрли.

И ако не сакаме следниот 8 Март повторно да го одбележиме со читање на имиња на жртви –тогаш мора веднаш да преземеме конкретни мерки.

Не декларации. Не соопштенија.

Затоа што секое одложување може да значи уште едно име. И тогаш нема да биде доволно да кажеме „изразуваме жалење“.

Денес прашањето не е дали сме за правата на жените. Прашањето е дали им овозможуваме безбеден живот“.

Обврска е, додаде таа да се покаже дека системот може да штити, а не да молчи. Во спротивно, како што рече, историјата нема да нѐ памети по честитките за 8 Март, туку по тишината додека жените умираа.

Зајкова веќе има поднесено барање за одржување надзорна расправа на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, а утре (петок; 6.3.2026), повторно до Собранието ќе ги поднесе измените со предлогот за воведување на електронска нараквица за следење на сторителите на женско и семејно насилство, информираат од партијата.