[ФОТО] Киро Глигоров одбил понуда од 100 милиони долари од Грција за да го смени името на Македонија, откриваат документи на ЦИА

Точка

05/03/2026

14:17

1.040

Големина на фонт

а а а

Неодамна декласифицирани документи од архивите на американската разузнавачка служба ЦИА го потврдуваат статусот на Киро Глигоров како една од најстратегиските и најенигматски личности во југословенската транзиција.

Тие ја откриваат неговата внимателна дипломатска игра во раните 1990-ти, пренесува албанската новинска агенција ИНА.

Според документ од ЦИА од ноември 1992 година, испливаа детали за тоа во која насока се движела Македонија како новоформирана држава по отцепувањето од поранешна федерална Југославија, со новиот лидер кој доаѓал од Белград.


Во периодот кога регионот тонел во крвопролевање, Глигоров успеал да маневрира меѓу силните притисоци од Грција, ризикот од Белград и внатрешните етнички тензии со Албанците. Разузнавачките извештаи го опишуваат како „мудар реформатор“ со извонредно внимание кон стратешките детали, пренесува ИНА.

Одбивање на 100 милиони долари од Грција за името на Македонија

Документот открива дека и покрај итната потреба од економска помош, Глигоров одбил приватна понуда од грчки функционери од 100 милиони долари, со услов да се промени името на државата. Претседателот ги оценил овие барања како целосно неразумни, истакнувајќи дека Македонија никогаш нема да ги прифати. Тој нагласил дека републиката веќе дала доволно докази дека нема територијални претензии кон соседите, додека длабоко разочарување изразил од Европската заедница, која ја поддржувала грчката вето-политика.


Внимателен однос кон Белград и регионалните лидери

На регионален план, Глигоров одржувал внимателен однос кон Белград. Иако се трудел да одржи комуникација со лидерите од поранешна Југославија, тој решително ги одбил обидите на српскиот претседател Слободан Милошевиќ да го убедат во формирање асоцијација со преостанатата југословенска држава доминирана од Србија. Документите покажуваат дека Глигоров немал доверба во Милошевиќ и го сметал, заедно со хрватскиот претседател Фрањо Туѓман, за главен виновник за крвавата југословенска криза. Во меѓувреме, тој воспоставил блиска соработка со претседателот на Босна, Алија Изетбеговиќ, со кого бил во постојан контакт за координација на чекорите за заштита на суверенитетот.

Внатрешни предизвици и одржување на стабилноста

Одржувањето на внатрешната стабилност било една од најтешките задачи за Глигоров, со оглед на тензиите меѓу големата албанска етничка заедница и десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ. Неговата стратегија се темелела на нагласување на индивидуалните права на граѓаните, наместо колективните, што било прифатено од умерените албански лидери, иако тие понекогаш ја критикувале владата за недостиг на чувствителност. Се смета дека авторитетот на Глигоров бил клучен фактор за одржување на кревката владина коалиција во која учествувале и албанските партии.


За да ги ограничи радикалните струи во ВМРО, тој паралелно работел на зајакнување на врските со Бугарија и Турција, додека политичката поддршка ја барал од големите сили како САД, Британија и Франција.

Детали од биографијата на поранешниот претседател

Документот содржи и детали од биографијата на поранешниот претседател, опишувајќи го како политичар и технократ кој со децении служел на највисоките финансиски и извршни функции во федерална Југославија, пренесува ИНА.