Соборувањето на балистичка ракета насочена кон Турција од страна на противвоздушните сили на НАТО не претставува непосредна причина за активирање на Членот пет, клаузулата за меѓусебна одбрана на членовите на алијансата, изјави денес генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Никој не зборува за Членот пет. Најважно е што нашите противници вчера видоа колку е силен и буден НАТО, а уште побуден, ако е можно, од саботата“, изјави Руте за Ројтерс.
Турција објави дека силите за воздушна одбрана на НАТО уништиле иранска балистичка ракета што влегла во турскиот воздушен простор, што е прв пат членка на алијансата да биде директно вовлечена во конфликт на Блискиот Исток, отворајќи ја можноста конфликтот да се прошири на сојузниците од блокот.
Генералштабот на вооружените сили на Иран денес негираше дека лансирал ракети кон Турција, нагласувајќи дека земјата го почитува суверенитетот на пријателска Турција, јавуваат иранските медиуми. Членот пет на НАТО наведува дека нападот врз една членка на алијансата е напад врз сите други. Руте рече дека НАТО ги поддржува САД во нападите врз Иран бидејќи „се заканува да стане закана и за Европа“.
Генералниот секретар на НАТО, исто така, истакна дека сојузниците продолжуваат да ја поддржуваат Украина и покрај ситуацијата во Иран, пренесува Танјуг.
„Многу лидери во Европа, САД и Канада велат дека мора да биде „и двете“: дека како сојузници ние го овозможуваме она што Американците го прават на Блискиот Исток и во исто време да ѝ обезбедиме на Украина сè што ѝ е потребно за да остане силна во борбата“, рече Руте.








