Ова се можните сценарија за крајот на војната со Иран: „Нивната стратегија повеќе не е победа туку уништување на претседателствувањето на Трамп“

Точка

03/03/2026

21:05

2.021

Големина на фонт

а а а

Додека конфликтот на Блискиот Исток влезе во четвртиот ден, Вашингтон и Тел Авив најавуваат понатамошна ескалација.

Судирот веќе предизвика масовни евакуации, ракетни одмазднички напади од Хезболах и напади врз сојузници на САД во регионот, а аналитичарите посочуваат три можни сценарија, според анализата на Си-ен-ен.

1. Најоптимистичкото сценарио претпоставува дека интензивните воздушни удари врз инструментите на репресија ќе го ослабат режимот доволно за да предизвикаат масовно народно востание. Доколку иранскиот народ успешно се организира, нов Иран би можел да го трансформира целиот Блиски Исток – да ја намали поддршката за милитантните групи, да ги нормализира односите со Западот и да ги запре нуклеарните амбиции. Сепак, експертите предупредуваат дека во репресивна држава која длабоко продира во општеството, ваквиот исход е малку веројатен без организирани опозициски лидери.


2. Најреалното сценарио, според мнозинството аналитичари е преживеаните ирански лидери да изградат нов, ослабен режим. Американската операција сепак би успеала да ја уништи нуклеарната програма, балистичките ракети, морнарицата и поголемиот дел од воените капацитети што го прават Иран регионална закана. Тоа би бил прифатлив исход за Израел и САД, но би можело да доведе до идни војни со цел да се спречи обновување на тие капацитети.


Елиот Абрамс, поранешен висок функционер во администрацијата на Буш, изјавил: „Дури иако режимот преживее, повеќе нема да има врховен лидер. Иран нема да има нуклеарна програма, лансери за ракети ниту морнарица“.

3. Најлошото сценарио е Иран да ја повтори судбината на Либија по падот на Гадафи. Вакуумот на моќ во држава уништена од децении авторитаризам може да доведе до фракциски судири или целосна граѓанска војна. Тоа би предизвикало бегалска криза, хаос во регионот и би ги оставило иранските резерви на збогатен ураниум ранливи на екстремистички групи како ИСИС или Ал-Каеда.

Американската администрација ги менува образложенијата за војната – од промена на режимот и „слобода за Иранците“, преку одмазда за американските жртви од ирански напади, до превентивно дејствување со цел заштита на американските трупи и Израел.


„Не постои јасна стратегија. Мораме да слушнеме од претседателот што сака“, нагласила демократската сенаторка Џин Шахин за Си-ен-ен.

Меѓутоа Трамп намерно ги остава целите нејасни, што му дава простор да прогласи победа кога и да посака. Во понеделникот го стесни фокусот на уништување на иранската морнарица, ракетните програми и нуклеарните амбиции.

Критичарите посочуваат дека Трамп избегнува употреба на копнени сили (поради лекциите од Ирак и Авганистан) и се потпира на воздушни удари, но историјата покажува дека воздушните кампањи ретко доведуваат до стабилна промена на режим. Неутрализиран Иран би ја ослабел „оската на злото“ (Русија – Иран – Кина – Северна Кореја), би го прекинал дотокот на дронови и ракети за Русија во Украина и би ја намалил регионалната закана.

Но, ако режимот преживее, долготрајниот конфликт би можел да предизвика нафтен шок, инфлација во САД и пад на поддршката за Трамп. Новата анкета на Си-ен-ен покажува дека речиси 60% од Американците не ја одобруваат воената акција. Трита Парси од Институтот „Квинси“ предупредил: „Иранската стратегија повеќе не е победа во војната, туку уништување на претседателствувањето на Трамп пред тие да изгубат“.