[ВИДЕО] „Немој тато, ќе ја убиеш мама“: Потресно сведоштво на сосетка на настраданите мајка и ќерка – насилникот не бирал место и време, ја тепал пред влез и во лифт

Точка

03/03/2026

18:53

2.006

Големина на фонт

а а а

Тања Спировска, сосетка на мајката и ќерката кои вчера беа пронајдени мртви по пад од балкон во скопската населба Тафталиџе, во изјава за „Слободен печат“ посочи дека врз починатата жена со месеци се вршело семејно насилство.

Таа раскажува дека во повеќе наврати го пријавувала насилниот сосед во полиција. По нејзините пријави, полицијата интервенирала двапати, но, како што ѝ било објаснето, не презеле понатамошни мерки затоа што самата жртва не го пријавила насилството. Во еден случај, како што наведува, полицајците ѝ се заканиле дека може да се соочи со пријава за лажно пријавување кривично дело, а сакале да приведат и друг сосед кој воопшто не бил поврзан со настанот.

Спировска дополнително се обратила и во полициската станица Карпош за да дознае зошто по нејзините претходни пријави не биле преземени конкретни чекори.

„Во полициска станица востановивме дека тие не можат ништо да направат додека таа не пријави. Викам, добро, дали треба да дочекаме убиство па потоа да се случи нешто? Има пријави и од управителот од зградата и речиси од сите соседи во последните седум-осум месеци“, вели Спировска.

Според нејзините зборови, насилникот не водел сметка ниту за време ниту за место, па ја тепал младата Ивана и пред влезот од зградата, како и во лифтот. Таа сведочи дека еднаш, околу два часот по полноќ, го слушнала девојчето како вика: „Тато, ќе ја убиеш мама“.


„Таа беше мирна, тивка, во земја гледаше кога поминуваше. Имаше случај кога во два часот по полноќ девојчето викаше – немој тато, мама ќе ја убиеш. Сè се слушаше, изолацијата е таква. Цела зграда вчера бевме во шок. Што размислувала вчера во тој момент, што барала, никој не знае“, вели сосетката на семејството.

Како што им било познато на соседите, лицето за кое станува збор работело како пожарникар и, според нивните сознанија, ѝ било познато на полицијата, меѓу другото и по пријавуваното насилство.