Карачиќ не го заборави Вардар на промоцијата во новиот клуб: Сè уште има динамит во мене!

Дерби

30/07/2025

14:07

1.297

Големина на фонт

а а а

По две долги етапи во Вардар и Кјелце, Игор Карачиќ повторно ќе биде дел од ракометната клупска сцена од Хрватска, и тоа како големо засилување за РК Загреб.

Националниот шампион на Хрватска потпиша двегодишен договор со прославениот среден бек кој освои две европски титули со Вардар, па иако е во завршна фаза од кариерата на 36-годишна возраст, Карачиќ вели дека има уште гориво во својот резервоар.

– Среќен сум и почестен што добив шанса да ги бранам боите на Загреб во наредните две години. Имав повеќе опции на маса, но парите не беа приоритет. Ќе останам дел од Лигата на шампиони, ќе бидам дел од голем ракометен бренд, како што тоа беа Кјелце, Вардар и хрватската репрезентација. Ќе го дадам последниот атом од силите додека ги бранам овие бои, – изјави Карачиќ на промоцијата во Загреб.

Карачиќ имаше атрактивни понуди од други европски клубови и од Блискиот Исток, но на крајот преовладува желбата да се врати во својата земја.

– Се уште има динамит во мене, мојот однос кон ракометот е повеќе од професионален. Амбициите се големи, секогаш сум сонувал и нема да престанам да го правам тоа. Од тоа што го знам, ниту една екипа не сака да игра против Загреб во „Арена“. Имам уште гориво во себе и сакам кариерата да ми трае што подолго, – изјави Карачиќ.