Уникатен „направи сам“ мотоцикл со V8 мотор од „Ferrari“

Точка

23/07/2025

20:18

1.581

Големина на фонт

а а а

Калифорнискиот мајстор Максвел Хазан го претстави проектот „HF355“, уникатен мотоцикл придвижуван од V8 мотор од „Ferrari F355“, кој развива 400 коњски сили со тежина од само 268 килограми.

Максвел Хазан, искусен конструктор на уникатни мотоцикли од Лос Анџелес, го претстави својот најнов и можеби најамбициозен проект досега – мотоцикл наречен „HF355“. Она што го прави овој производ посебен е фактот дека го придвижува V8 мотор со зафатнина од 3,5 литри, преземен од легендарниот автомобил „Ferrari F355“ (од каде доаѓа и името на мотоциклот на Хазан). Проектот, на кој работи од почетокот на 2024 година, сè уште не е целосно завршен, но неодамна успешно ја помина првата пробна возење.


Целосно уникатна изработка

Главната цел на проектот, како што наведува авторот, била да се создаде спортски мотоцикл со V8 мотор кој ќе ги задржи пропорциите на стандарден мотоцикл. Конечниот резултат е возило кое со полн резервоар тежи околу 268 кг (празно тежи 250 кг), а располага со моќност од дури 400 коњски сили. Во мотоциклот е вграден и шестстепен менувач, а моторот и менувачот заедно тежат 145 кг.


Хазан истакнува дека реакцијата на јавноста на проектот веќе сега е неверојатна, но со насмевка ги коментира оние кои мислат дека „само вметнал мотор од „Ferrari“ во донорски мотоцикл“. Процесот бил значително посложен, вели тој. За да се направи простор за масивниот мотор, било потребно да се дизајнира и изработи целосно нов, уникатен рам. Сите панели на каросеријата исто така се рачно изработени, додека сопирачкиот систем и суспензијата се специјално приспособени за да можат да ја издржат огромната моќ на моторот од „Ferrari“.


Пред да се посвети целосно на изработката на мотоцикли со компанијата „Hazan Motorworks“, Максвел Хазан се занимавал со дизајн на ентериери. Својата страст кон два тркала почнал да ја развива во работилницата за дрво на неговиот татко во Бруклин. Неговите претходни дела вклучуваат широк спектар на стилови, од преработки на класици како „BSA“ и „Vincent“ до помодерни дизајни, како и тркачкиот мотоцикл „Salt Shaker“, наменет за трки на солени рамнини.