Поминал само 10.000 км од испораката на првиот сопственик во 1997 година.
„McLaren F1“ беше лансиран во 1992 година, а добро зачуваните примероци денес се продаваат за повеќе милиони долари.
Еден „F1“ оди на аукција следниот месец и би можел да достигне цена од дури 23 милиони долари.
Станува збор за примерок од 1997 година, кој нов му бил продаден на директорот на компанијата „Oracle“, Лери Елисон.
Автомобилот имал вкупно три сопственици и поминал помалку од 6.500 милји (околу 10.460 километри).
Шасијата со број 062 има повеќе надградби од одделот за специјални операции на „McLaren“, вклучувајќи спортски издувен систем, подобрена единица за климатизација, нови ладилници и резервоар за гориво од алуминиум.
Голем сервис бил извршен во октомври 2023 година, кој вклучувал реконструкција на менувачот, нови свеќици, четири нови гуми на оригиналните магнезиумски тркала, како и нов акумулатор, соодветно ветробранско стакло и поправки на златната фолија што го обложува просторот околу 6,1-литарскиот „V12“ мотор на "BMW", кој развива 627 коњски сили и 650 Нм.
Овој „McLaren F1“, еден од само седум увезени во Соединетите Американски Држави, доаѓа во боја „Magnesium Silver“, со црн кожен ентериер и сив додаток на возачкото седиште.
Елисон до 2005 година со автомобилот поминал само 2.600 милји, по што го продал.
Вториот сопственик поминал помалку од 1.000 милји пред да го продаде на сегашниот сопственик во 2010 година.
За време на целиот свој век, автомобилот бил регистриран во Калифорнија, а токму таму „RM Sotheby’s“ следниот месец ќе ја организира неговата продажба за време на манифестацијата „Monterey Car Week“.
Доколку ја достигне проценетата вредност, овој автомобил би можел да стане еден од најскапо продадените „McLaren F1“ во историјата.