Пронајдокот на минералот сидерит во карпите носи нови траги дека на Марс можеби некогаш постоеле услови за живот.
Минералот сидерит, кој е пронајден во изобилство во карпите што ги кршеше роверот на НАСА на површината на Марс, претставува нов доказ за потоплата и повлажна далечна историја на „Црвената планета“, кога, според научниците, имало големи количини вода, а можеби и услови погодни за живот.
Роверот "Curiosity", кој слета на Марс во 2012 година со цел да утврди дали соседната планета некогаш можела да поддржи микробен живот, го откри минералот во примероци од карпи дупчени на три различни локации во 2022 и 2023 година во рамките на кратерот Гејл – голем ударен басен со планина во средината.
Сидеритот е минерал на железо-карбонат. Неговото присуство во седиментни карпи стари неколку милијарди години претставува доказ дека Марс некогаш имал густа атмосфера богата со јаглерод диоксид – гас кој преку ефектот на стаклена градина можел да ја загрее планетата доволно за да постои течна вода на нејзината површина, пренесува "Reuters".
На марсовскиот пејзаж има траги кои многу научници ги интерпретираат како докази дека течна вода некогаш течела по неговата површина – со можни океани, езера и реки кои се сметаат за потенцијални живеалишта за микробен живот во минатото.
Јаглерод диоксидот е главниот стакленички гас што ја регулира климата и на Земјата, како и на Марс и Венера. Неговото присуство во атмосферата ја задржува сончевата топлина и ја загрева климата.
„Најголемата позната еколошка катастрофа“
До денес, постоеја малку докази дека атмосферата на Марс некогаш била богата со јаглерод диоксид. Според хипотезата, атмосферата — од причини што сè уште не се целосно разјаснети — еволуирала од густа и богата со CO₂, до разредена и сиромашна со овој гас. Истовремено, јаглеродот преку геохемиски процеси завршил „заробен“ во карпите од кората на планетата во форма на карбонатни минерали.
Примероците што ги собра "Curiosity" ја зајакнуваат оваа идеја. Тие содржеле до 10,5% сидерит, утврдено со инструментите на роверот, пренесува агенцијата "Hina."
Се смета дека седиментните карпи во кратерот Гејл се таложеле пред околу 3,5 милијарди години, во време кога местото било езеро – пред драматичната климатска промена што ја трансформирала климата на Марс.
„Пресвртот на површината на Марс од погодна за живот во минатото до очигледно стерилна денес е најголемата позната еколошка катастрофа“, изјави научникот и коавтор на студијата Едвин Ките од Универзитетот во Чикаго и Институтот "Astera".
„Не го знаеме причинителот на оваа промена, но денешната атмосфера на Марс е многу разредена и сиромашна со јаглерод диоксид. Постои силен доказ дека во минатото била многу погуста. Се поставува прашањето: каде исчезнал јаглеродот? Затоа откривањето на големи, досега непознати наслаги од материјали богати со јаглерод претставува значаен нов траг“, додаде Ките.