[ФОТО/ВИДЕО] Инфлуенсерката направена со помош на вештачка интелигенција ги „излуде“ социјалните мрежи – Добива илјадници пораки за дружење

Точка

18/04/2025

13:09

2.171

Големина на фонт

а а а

Илјадници обожаватели и инфлуенсери од целиот свет пристигнуваат во пустината во Калифорнија за вториот викенд на Коачела, но едно име особено се истакнува на социјалните мрежи – Ники Белини. Прекрасните фотографии, завидната локација и речиси 350 илјади следбеници на Инстаграм ја прават вистинска фестивалска ѕвезда.

Меѓутоа, постои еден „мал“ детаљ – Ники не е вистинска личност, туку инфлуенсерка генерирана со помош на вештачка интелигенција.


Иако Ники се чини дека е насекаде од Париз до Бали, сите нејзини фотографии се целосно генерирани од компјутер. И покрај тоа, нејзините пораки на Инстаграм и на платформата „Fanvue“, каде што заработува и до 15.000 долари месечно, деновиве се преплавени со покани за дружење за време на фестивалот.


„Во последните две недели, Ники доби стотици пораки со барања за дружба во Коачела – и од мажи и од жени“, рекла Никол, нејзината креаторка и менаџерка, која го креирала профилот во јануари оваа година. „Девојките сакаат да ја запознаат, заедно да се подготвуваат за фестивалот, да се напијат, да танцуваат… Лудница“, додаде таа.

Новиот бран на инфлуенсер маркетинг?

Феноменот Ники Белини е дел од растечкиот тренд – инфлуенсерите направени со помош на вештачката интелигенција кои потпишуваат договори со познати брендови, им го земаат местото на вистинските луѓе во рекламните кампањи.


„Во текот на изминатата година видовме голем број иновативни брендови во музиката, модата и спортот како соработуваат со инфлуенсери направени со вештачка интелигенција“, изјавил Џејмс Томпсон, шеф на секторот за ВИ во „Fanvue“. „На пример, Аитана Лопез, една од најпознатите инфлуенсерки направена со помош на вештачката интелигенција, веќе беше заштитно лице на кампањата на шпанскиот бренд Llongueras на Тајмс Сквер“, истакнал Томпсон.

Додека реалниот и виртуелниот свет стануваат се понеразделни, се поставува прашањето – дали публиката ќе ги прифати таквите „лажни“ инфлуенсери како вистински ѕвезди?


Никол верува дека ќе прифатат: „Иако Ники физички не може да биде на фестивалот, таа е таму за да ја коментира музиката, да ги предложи најдобрите изведувачи и места за јадење и активно да комуницира со нејзините обожаватели. Всушност, Ники може да има повеќе контакт со своите следбеници отколку многу вистински ѕвезди. Тоа е дигитално пријателство – и работа со полно работно време“, истакнала Никол.