"YouTube" лансира нова функција која ќе им овозможи на креаторите на содржини да користат вештачка интелигенција за генерирање приспособена инструментална музика, која ќе можат да ја додаваат во своите видеа.
Во најновото ажурирање објавено на нивниот "Creator Insider" канал оваа недела, компанијата објави дека воведува новитет во својата платформа "Creator Music" – музички пазар што овозможува креаторите да генерираат нови мелодии со помош на AI-команди.
"YouTube" појаснува дека оваа функција се воведува „постепено“ за креатори кои веќе имаат пристап до "Creator Music" – комерцијален музички ресурс за лиценцирање, лансиран во 2023 година. Целта на платформата е да го поедностави процесот на пронаоѓање музика која креаторите можат легално да ја користат во своите видеа, при што веднаш ги разбираат и трошоците. Но, со оваа нова AI алатка, ќе имаат и бесплатна опција.
Креаторите кои имаат пристап до оваа нова AI функција ќе видат нова картичка „Музички асистент“ во делот "Creator Music". Во полето за слободен текст ќе можат да опишат каков тип музика сакаат да создадат — вклучувајќи инструменти, атмосфера, жанр или вид на видео за кое е наменета. Под текстуалното поле ќе бидат понудени и неколку пример-команди како помош за полесен почеток.
Откако ќе се генерираат нумерите, креаторите ќе можат да ги преземат и директно да ги вметнат во своите видеа. "YouTube" потенцира дека музиката е целосно бесплатна за користење и дека креаторите нема да мора да се грижат за евентуални тужби поврзани со авторски права.