Челси пропушти голем шанса да остане во топ четири со неочекуваниот кикс изминатиов викенд, и тоа на натпревар на кој играше против еден од трите најслаби тима во лигата.
Ипсвич успеа да освои бод на „Стемфорд Бриџ“ откако стекна со предност од 0:2, а навистина интересна и необична беше анализата на Енцо Мареска, кој за вториот примен гол ги обвини навивачите на Челси.
Италијанскиот стручњак верува дека неговите фудбалери примиле втор гол поради лошата атмосфера која се создала на трибините, период во кој доаѓаа свирежи од навивачите поради статичната и неинвентивна игра.
– Добро го почнавме натпреварот, креиравме шанси, а потоа за жал примивме гол. Тој момент го промени натпреварот и влеговме во лоша динамика.
– Двата примени гола дојдоа по наши грешки, а за вториот гол, мислам дека ја загубивме самодовербата. Примивме гол поради лошото опкружување и атмосферата која се создаде. Во такви ситуации, мора да останеме мирни и да продолжиме да го правиме она што сме го замислиле, – изјави Мареска.