Ѕвездата од деведесеттите Бриџит Фонда вчера го прослави својот 61 роденден, а неодамна потврдила дека нејзините „холивудски денови“ завршиле. Таа била голема ѕвезда во осумдесеттите и деведесеттите, стекнала светска слава во филмовите и била омилена на обожавателите.
Бриџит Фонда започнала да глуми кога имала само пет години во филмот „Girls in the Saddle“ од 1969 година и оставила длабока трага во актерскиот свет откако ги добила клучните улоги во серија популарни филмови како „Scandal“, третиот дел од легендарниот „Godfather“, „Drop Dead Fred“ и „Point of no Return“.
Меѓутоа, во последните 15 години, таа целосно се повлекла и за првпат била видена во јавноста во 2022 година, по 12 години криење. Тогаш изгледала сосема непрепознатливо. Таа се здебелила, пуштила седа коса, а на улица била фотографирана во широка, лежерна облека, без шминка и никаков накит, додека косата ѝ била врзана во опавче.
Во 2002 година, Фонда одлучила да престане да глуми и никогаш не ја прекршила таа одлука. Една година подоцна се омажила за познатиот композитор Дени Елфман, а во 2005 година го добиле синот Оливер. Во 2020 година, парот ги продал сите свои имоти во Лос Анџелес и купиле два големи имоти во близина на Енцино. Ги споиле во еден голем ранч, се простиле од хаосот на метрополата и се препуштиле на уживање во мирниот живот далеку од рефлекторите.
Кога своевремено ја прашале дали сака да се врати во Холивуд, Фонда едноставно одговорила: „Не“. Откако фотографот ја прашал дали има шанси да се врати, таа повторно одговорила негативно и додала дека „подобро е да си обичен човек, кој не е познат“.
Фонда потекнува од долга низа познати актери. Имено, нејзиниот дедо е прославената филмска ѕвезда Хенри Фонда, нејзиниот татко е актерот Питер Фонда, а нејзината тетка е познатата Џејн Фонда. Со оглед на тоа што е родена во актерско семејство, не е чудно што почнала да се занимава со театар.
Нејзината последна филмска улога била во „The Whole Shebang“ од 2001 година, а една година подоцна ја одиграла последната улога во ТВ филмот „Snow Queen“ и оттогаш не се појавила на екранот.
Најнови фотографии од познатата актерка осамнаа на „Дејли меил“, каде што повторно е со својата препознатлива седа коса, но видно ослабена. Фановите се прашуваат дали можеби и таа подлегнала на популарниот „оземпик“.