Хаос во Манчестер Јунајтед! Фернандеш ја критикуваше тактиката, Карик пред отказ: Познати имињата на кандидатите за негов наследник

Точка

22/10/2026

16:29

1.037

Големина на фонт

а а а

Одлуката за неговата судбина би требало да зависи од резултатите во наредниот период, а следните четири натпревари би можеле да бидат пресудни.

Поразот од Комо дополнително го потресе Манчестер јунајтед, а иднината на Мајкл Карик на клупата на Црвените ѓаволи е сè понеизвесна. Навивачите бараат негова смена, додека капитенот Бруно Фернандеш јавно ја критикуваше тактиката на тренерот.

Незадоволството меѓу приврзаниците на Јунајтед дополнително порасна по уште едно разочарувачко издание на екипата, а особено внимание привлече потегот на Карик по последниот судиски свиреж.

Наместо прво да им пријде на своите играчи, англискиот стручњак отиде до околу 700 навивачи кои допатуваа во Италија и им се извини, кревајќи ги рацете во знак на извинување.

Тој гест многумина ги потсети на Оле Гунар Солскјер, кој постапи слично по поразот од Вотфорд со резултат 1:4 во ноември 2021 година, по што набрзо доби отказ.

Сепак, според информациите што ги пренесуваат британските медиуми, Карик засега ја има поддршката од фудбалскиот директор Џејсон Вилкокс и сосопственикот на клубот Џим Ретклиф.

Одлуката за неговата судбина би требало да зависи од резултатите во наредниот период, а следните четири натпревари би можеле да бидат пресудни.

Првиот голем тест го очекува против Борнмут, екипа која традиционално му создава проблеми на Јунајтед. Во последните седум меѓусебни средби, Црвените ѓаволи остварија само една победа.

Борнмут во 2023 и 2024 година славеше со по 3:0 на Олд Трафорд, додека минатосезонскиот дуел на истиот стадион заврши со резултат 4:4. По таа средба, Јунајтед го очекуваат уште потешки предизвици – гостување кај Челси, како и натпревари против Рома и Астон вила.

Потоа следува репрезентативната пауза, која би можела да биде можност за промена на клупата, а по нејзиното завршување екипата ја очекува гостување кај Ливерпул.

Во меѓувреме, веќе се шпекулира за можните наследници на Карик, а според пишувањата на англиските медиуми, Јулијан Нагелсман моментално се издвојува како еден од главните кандидати. Поранешниот селектор на Германија наводно одговара на профилот на тренер што управата сака да го доведе на Олд Трафорд.

Од друга страна, Антонио Конте, кој во претходните недели се споменуваше како потенцијално решение, наводно не е високо на листата на желби на клубот, бидејќи неговиот профил не се вклопува во планираната структура.

Меѓу кандидатите се споменуваат и Еди Хау, поранешниот менаџер на Њукасл, како и младиот тренер на Брајтон, Фабијан Хирцелер.

Сепак, евентуалното доаѓање на Хирцелер би можело да биде комплицирано, бидејќи неодамна потпиша нов тригодишен договор со Брајтон, што би можело да му донесе значителни трошоци на Јунајтед за обесштетување.

Следниот натпревар со Борнмут така би можел да биде пресвртница за Карик. Доколку резултатите повторно изостанат, шпекулациите за неговото заминување би можеле да прераснат во конкретна одлука на управата.