Ахмети: Пресудата за Тачи и поранешните водачи на ОВК е неправедна и длабоко разочарувачка

Макфакс

16/09/2026

14:50

384

Големина на фонт

а а а

Али Ахмети ги оцени пресудите против поранешните водачи на ОВК како неправедни и разочарувачки, повикувајќи на единство и воздржаност. Судскиот процес продолжува во жалбена постапка, а пресудите се за кривични дела поврзани со воени злосторства во Косово.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја оцени како неправедна и длабоко разочарувачка денешната пресуда на Судот во Хаг против поранешните водачи на ОВК, Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими.

„Во овие тешки моменти, повикувам на воздржаност и единство. Не треба да паднеме во никаква стапица чија цел е да создаде тензии, поделби или да ја оцрни ослободителната борба на народот во Косово“, напиша Ахмети на Фејсбук.

Тој посочи дека поранешните тврдења за трговија со органи не прераснале во обвиненија во овој процес, како и дека судот ги ослободил обвинетите од обвиненијата за злосторства против човештвото.

ОВК настана како одговор на угнетувањето и се бореше за слободата на Косово. Поранешните тврдења за трговија со органи, кои со години фрлаа сенка врз ОВК и нејзините водачи, не прераснаа во обвиненија во овој процес“, наведе Ахмети.

Според него, судскиот процес не завршува со првостепената пресуда и одбраната ќе ја продолжи правната битка во жалбена постапка.

„Со верба во правдата, битката продолжува во жалбена постапка“, порача Ахмети.

Претходно денеска, поранешниот косовски претседател Хашим Тачи беше прогласен за виновен за воени злосторства и осуден на 25 години затвор пред Специјализираните совети на Косово во Хаг. На 25 години затвор е осуден и Јакуп Красниќи, Кадри Весели доби 18 години, а Реџеп Селими 13 години затвор.

Четворицата поранешни водачи на ОВК се прогласени за кривично одговорни за самоволно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и противправни убиства. Судот ги ослободи од обвиненијата за злосторства против човештвото, оценувајќи дека обвинителството не докажало дека злосторствата биле дел од распространет и систематски напад врз цивилното население.