„Пусикет Долс“ (The Pussycat Dolls) поп група која ја освои музичката сцена на почетокот од 2000-те се враќа како трио – со нов сингл и светска турнеја. Никол Шерцингер, Ешли Робертс и Кимберли Вајат се враќаат со песната „Club Song“, а концертите ќе започнат во јуни, пишува Би-би-си.
Оваа вест ги воодушеви нивните бројни обожаватели кои се надеваa на нивно повторно обединување уште пред шест години, кога тоа не се оствари поради Ковид-19 пандемијата и правниот спор. Вајат за Би-би-си изјавила дека повторно обединување е „неверојатно нешто што може да се направи по 20 години“ додека Шерцингер рекла дека „тајмингот на сè бил едноставно совршен“.

Турнејата ќе го носи називот „PCD Forever“, а најавени е 52 концерти кои ќе започнат во Северна Америка, додека во септември ќе се преселат во Европа, вклучувајќи концерти во Велика Британија и Ирска.
Никол ги обединила
Иако била основана во 1995 година, групата се прославила во 2005 година со дебитантскиот албум „PCD“, а денес ги паметиме по хитовите како „Buttons“, „Don’t Cha“ и „I Don’t Need A Man“. Оригинално групата беше составена од шест членки, но Џесика Сута, Кармит Бачар и Мелоди Торнтон не се дел од ова повторно обединување.
„Пусикет Долс отсекогаш биле познати по нивната постојано менувачка екипа. Случајно е што токму сега сме во таа област каде што се чувствуваме обединети и на место каде што сме подготвени да продолжиме напред. И ова е екипата сега, за 2026 година, но со Пусикет Долс никогаш не знаете што би можело да биде следно“, изјавила Вајат.

Популарната Шерцингер рекла: „По 20 години, се прашувате: „Каде се сите“? Но за нас едноставно сè се среди. Луѓето се на различни места во своите животи, некои имаат поинакви обврски и приоритети, но нам ова нѝ успеа“.
Робертс објаснила како Шерцингер била првата која ги контактирала останатите членки на групата во врска со повторното обединување.

Од друга страна Шерцингер открила како во текот на последните години времето го поминувала во театар, а сега е подготвена за повторна турнеја: „Настапувањето на сцената беше остварување на сонот. И, слушајте, во последните три години се криев во овие мали интимни театри. И тоа ме исполнуваше на толку многу начини. Но, како уметник, не можеш да бидеш врзан за едно нешто, сакаш да правиш сè, и едноставно е прекрасно што можеш да се вратиш, а ми недостигаа девојките. Многу сум горда на нашата група, нашето наследство, нашата музика. Па си помислив, па, штотуку настапив на Вест Енд и Бродвеј, сега е време за светска турнеја. Кукли, обединете се!“
Првото повторно обединување било откажано
Покрај пандемијата, претходното повторно обединување не се случило и поради правен спор меѓу Шерцингер и основачката на групата, Робин Антин. Тие наводно се скарале околу креативната контрола врз брендот „PCD „и како ќе се дели профитот од повторното обединување. На крајот од минатата година, тие постигнале доверлив договор со цел да остават простор за следното собирање без проблеми.

Шерцингер рекла дека групата „постојано работи на музика“ и не ја исклучила идејата за нов албум, но истакнала дека денес постои поинаков модел за објавување на музиката во споредба со времето кога Пусикет Долс биле на својот врв. „Сега е толку поинаква температурата во музичкиот свет. Поминавме толку многу време на овие албуми и добивавме четири, пет, шест хитови од еден албум. Сега е свет воден од синглови па можете да снимите песна и да ја објавите“, објаснила Никол.

„Навистина ќе излеземе таму со цел, со смисла и ќе ги научиме децата што пропуштале. Кои се Пусикет Долс? Ќе им покажеме!“, заклучиле пејачките.














