[ФОТО] Кили починал од инфаркт во сон, сопругата објави низа семејни фотографии: „Те сакаме“

Точка

12/03/2026

11:01

2.737

Големина на фонт

а а а

Вчера во Еквадор, на 58-годишна возраст, почина познатиот легендарен актер Кирил Поп-Христов – Кили.

Неговата сопруга Гордана Деан Поп-Христова изјави дека Кили починал во сон од инфаркт. Парот заедно со ќерката Јоана живее во Еквадор од 2014 година. Пред неколку часа, сопругата на Кили се огласи и на Фејсбук, каде сподели низа заеднички семејни фотографии, а во описот на објавата напиша: „Кили нѝ отиде. Те сакаме“.


Актерот на фотографиите е во друштво на сопругата Гордана, ќерките Јоана и Нина Деан, која е ќерка од првиот брак на Гордана и која живее во Скопје, како и од внуката што ја доби од Јоана.


Кили важеше за мултиталентиран уметник и еден од најистакнатите современи македонски актери. Зад себе остави бројни впечатливи улоги што ќе останат запаметени, меѓу кои во филмовите „Тетовирање“, „Бал-кан-кан“, „Збогум на 20-от век“ и „Панкот не е мртов“. Се истакна и со театарски улоги во претставите „Ричард Трети“, „Злосторство и казна“ и „Ослободување на Скопје“. Публиката го памети и по неговите појавувања во телевизиски проекти како „Трст виа Скопје“, „Бумбари“ и „Досие Скопје“.


Поп Христов е роден на 30 јули 1967 година во Скопје. Во 1989 година дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, на отсекот за актерска игра, во класата на професорот Љубиша Георгиевски. Во периодот од 1993 до 2014 година беше дел од ансамблот на Македонскиот народен театар. Потоа, како што и самиот изјавуваше, поради притисоци од тогашната власт, заедно со своето семејство се пресели во далечниот Еквадор, каде што живееше сè до својата смрт.