„120 млади инженерки од пет земји, една порака: Жените можат да водат сè“

Макфакс

05/03/2026

15:55

173

Големина на фонт

а а а

120 млади девојки и студентки од пет земји во светот се приклучија на меѓународниот онлајн настан посветен на женското лидерство во енергетиката, инженерството и рударството.

Лидерството, знаењето и храброста на жените во стратешките индустрии беа во фокусот на онлајн настанот „Leading in Energy and Mining: The Professional Journey of Sanja Bozhi-novska“, кој ги обедини млади студентки, експерти и лидери од енергетскиот и инженерскиот сектор.

Настанот, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Limak Foundation, Women on Boards Adria (WOBA) и Global Engineer Girls (GEG), ги обедини младите жени од Северна Македонија, Турција, Косово, Шпанија и Мозамбик, со цел да ги инспирира да градат кариера во STEM областите и да преземат лидерски улоги во стратешките индустрии.

Во центарот на настанот беше инспиративната професионална приказна на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која со учесничките сподели искуства од својата кариера и визијата за развој на енергетскиот сектор во време на брзи технолошки и системски промени.

„Енергетските системи се трансформираат, а технологијата се развива побрзо од кога било. Токму затоа ни се потребни нови генерации инженери и лидери – а меѓу нив има сè повеќе млади жени кои со своето знаење и амбиција ќе ја обликуваат иднината на овој сектор,“ истакна министерката Божиновска.

Таа нагласи дека вистинското лидерство во енергетиката се гради преку преку знаење, одговорност и тимска работа.

„Вистинското лидерство е да бидете најподготвени, најдоследни и најпосветени на резултатот. Нема сектор премногу сложен, нема позиција премногу висока и нема предизвик премногу голем за жените кои се подготвени да водат. “ истакна Божиновска.

На настанот се обрати и Тања Михајловска Димитриевска, претставничка на Women on Boards Adria, која зборуваше за значењето на поголемата застапеност на жените во управувачките структури и процесите на донесување одлуки.

„Поголемото присуство на жени во управните одбори и лидерските позиции не е само прашање на еднаквост – тоа е предуслов за подобро управување, посилни институции и поодржлив економски развој.“

Настанот беше посветен и на студентките од програмата Global Engineer Girls, меѓународна иницијатива која поддржува млади жени во STEM областите преку стипендии, менторство, практикантска работа, професионална обука и можности за вработување.

Отворајќи го настанот, Еда Јегиналтaј Курт, Член на Одборот на Limak Foundation порача дека ваквите иницијативи имаат клучна улога во инспирирањето на новата генерација жени лидери.

„ Токму ваквите настани се создава простор младите жени да видат реални примери на лидерство и да слушнат автентични професионални приказни и да разберат дека нивните амбиции во овие сектори не само што се можни – туку се и неопходни.“

Организаторите порачаа дека ваквите настани создаваат простор за дијалог меѓу генерациите – помеѓу жените кои веќе носат одлуки и ги водат стратешките сектори, и младите жени кои допрва ќе ја обликуваат иднината на енергетиката, технологијата и одржливиот развој. Во пораката до студентките беше нагласено дека тие не се сами на својот професионален пат.

„Патот можеби нема секогаш да биде лесен, но е возможен – и не го одите сами.“ порачаа оргнизаторите.

Со оваа иницијатива се испраќа јасна порака дека иднината на енергетиката и инженерството е инклузивна, иновативна и сè повеќе предводена од жени лидери.

„Енергетиката и рударството ги движат економиите. Но лидерството – етичко, инклузивно и визионерско – е она што го движи вистинскиот напредок.“, истакна министерката Божиновска.