[ФОТО] 10 тони опасен хемиски отпад со години складиран во руиниран објект на Институтот за јавно здравје

Макфакс

05/03/2026

16:41

759

Големина на фонт

а а а

Десет тони опасен и несоодветно складиран хемиски материјал е отстранет од простории на Институтот за јавно здравје, кој се наоѓа во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Отпадот со години бил неправилно складиран, а станува збор за исцедоци од лабораториски анализи, хемикалии од различен вид и во различна агрегатна состојба.

Директорката на Институтот, Марија Андоновска, изјави дека отпадот е безбедно отстранет и нема да остане во државата, туку ќе биде согорен надвор.

„Немавме упатство за управување со отпадот, но веднаш ги алармиравме институциите. За среќа избегнавме хаварија и го отстранивме. Очекувам одговорност“, рече Андоновска.

Според технологот Трајче Србиновски, кој бил дел од тимот ангажиран за отстранување на отпадот, во државата има многу вакви жаришта и опасноста од нив е многу голема.

„При увидот на локацијата беше констатирано прусуство на значителна количина на напуштен и несоодветно складиран хемиски материјал. Материјалот се наоѓаше во оштетени и расфрлани садови, делумно изложени на атмосферски влијанија што претставува потенцијален ризик за здравјето на луѓето и за животната средина. Дополнително, објектот беше во лоша конструктивна состојба со урнат кров и градежен шут што ја зголемуваше опасноста од ширење на контаминација и неконтролирано истекување на хемиски супстанци. Поради наведените ризици, беше неопходно преземање на итна интервенција за безбедно собирање, неутрализација и остстранување на опасниот материјал“, велат од ИЈЗ.