Внимавајте ако патувате кон Копаоник преку Косово: Можно е враќање на граница поради пасош

Точка

08/01/2026

11:11

25.360

Големина на фонт

а а а

Иако патот до Копаоник преку Косово е значително пократок и побрз, македонските граѓани треба да бидат внимателни со патните исправи. Сведоштво на скопска фамилија укажува на сериозни проблеми на граничниот премин Јариње, додека друго возило од истата група поминало без никакви пречки, а дополнителна конфузија создава и навигацијата на Google Maps.

За сите оние кои планираат патување од Македонија до Копаоник преку Косово, оваа информација може да биде од клучно значење. Имено, оваа рута е значително пократка во споредба со алтернативните правци. Од Скопје до граничниот премин Јариње, на северот на Косово кон Србија, има точно 174 километри, што во просек се поминува за околу два и пол часа, најголем дел по автопат. Потоа од граничниот премин до Копаоник има околу 22 км или половина час возење.


Патувањето од Скопје до Приштина се одвива по нов автопат, додека од Приштина до Митровица околу 80 отсто од трасата е автопат. Од Митровица до Јариње има приближно 50 километри, по уреден и релативно незафатен пат, кој се поминува за околу 50 минути. Потоа од граничниот премин до Копаоник ококу 22 километри или половина час нормално возење.


Сепак, и покрај очигледните предности, проблемите може да настанат на самиот граничен премин Јариње. Според сведоштво на една скопска фамилија, тие не биле пуштени да влезат во Србија поради формални правила поврзани со патните исправи.

Имено, проблемот настанал затоа што еден од родителите патувал со пасош во кој немало печат за влез во Србија во последните 90 дена. Иако децата немале никакви пречки, а другиот родител поседувал лична карта со која можел да помине, граничните служби не дозволиле премин само за лицето кое патувало со пасош, што значело и неможност на целата фамилија да го продолжи патувањето преку тој граничен премин.

Дополнителна конфузија создава фактот што за влез во Србија на македонските државјани не е потребен пасош, туку може да се патува со лична карта, што во пракса го прави речиси невозможно поседувањето печат за влез во последните 90 дена.

Интересно е што на истото патување имало уште едно возило, во кое патувале двајца родители и две малолетни деца. Во овој случај, двајцата родители го минувале граничниот премин со патна исправа лична карта, додека децата патувале со пасоши. Ова возило го поминало граничниот премин Јариње за помалку од пет минути, без никакви проблеми или дополнителни прашања од граничните служби.

Дополнителен проблем за патниците претставува и навигацијата. Доколку на Google Maps од Скопје внесете дестинација Копаоник, апликацијата речиси секогаш ја нуди рутата преку Србија, бидејќи според Google граничниот премин Јариње не е во функција. Ваквата состојба трае веќе повеќе години, иако преминот е целосно прооден и активно се користи од страна на патници. За да патувате целосно со навигацијата на Google Maps, потребно е на пример од Скопје да внесете дека патувате до Јариње, а потоа кога ќе го поминете граничниот премин да го внесете Копаоник.


[Google Maps како рута од Скопје до Копаоник ја дава преку Србија каде има 300 километри или 4 часа и 16 минути, додека вкупното патување преку Косово е околу 200 км или 3 часа возење]

Од граничната контрола на фамилијата која била вратена им било објаснето дека преминот Јариње не функционира како класичен граничен премин, туку како „пункт“, каде важат поинакви правила.

Поради ваквата одлука, семејството било приморано да продолжи по алтернативна рута, преку Црна Гора, што значело дополнителни околу 200 километри пат, шест часа возење низ тешки планински предели и минување на граничен премин на надморска височина од речиси 2.000 метри.

Целото патување, наместо планираните неколку часа, траело речиси девет часа и претставувало сериозно физичко и психичко оптоварување, особено поради патувањето со мали деца.

➡️ Патниците кои планираат да патуваат кон Копаоник преку Косово се советуваат навреме да ги проверат условите за премин, внимателно да изберат со кои патни исправи ќе патуваат (препорака само со лична карта за возрасни и пасош за малолетници) и да не се потпираат целосно на навигацијата, со цел да избегнат непријатни и исцрпувачки ситуации.