Според изјавите на официјални претставници, убиството се случило во самоодбрана.
Жената која беше убиена со огнено оружје од агент на американската Служба за имиграција и царина („ICE“) во средата во Минеаполис, сојузната држава Минесота, е идентификувана како Рене Никол Гуд (37) – самохрана мајка на три деца, поетеса и државјанка на Соединетите Американски Држави.
Рене била застрелана во главата за време на сообраќајна контрола, во близина на домот во кој живеела со својата партнерка, и на околу 1,6 километри од местото каде што полицијата во 2020 година го уби Џорџ Флојд, настан што предизвика масовни протести и подоцнежни немири, познати под името „Животите на црнците се важни“ („Black Lives Matter“), пишува „Newsweek“.
Според официјалните тврдења, убиството било чин на самоодбрана. Сепак, градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, го осуди настанот како „непромислен“ и непотребен, обвинувајќи ја администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемувањето на тензиите. Од „ICE“ тврдат дека Рене намерно тргнала со автомобилот кон агентите, но сведоци го оспоруваат тоа, додека градоначалникот ваквите тврдења ги нарече „глупости“.
„„ICE“, од*бете од Минеаполис. Не ве сакаме тука. Вашата наводна причина за присуство во овој град е безбедноста, а вие правите токму спротивното“, изјави градоначалникот.
Агент на „ICE“ и пукал трипати во главата
Во јавноста се појави и видео-снимка на која се гледа како агент на „ICE“ му се приближува на автомобилот, наводно ѝ наредува да излезе, ја фаќа кваката, но таа не излегува, туку се повлекува наназад и продолжува да вози. Во тој момент агентот го вади пиштолот и пука трипати во нејзиното лице од непосредна близина.
Автомобилот потоа удира во два паркирани автомобили пред да застане. Неколку моменти по инцидентот, на снимките се гледаат соседи и сведоци како викаат и се расправаат со полицијата на улица, а се слушаат и извици: „Убиец!“.
Предупредување - Снимката е вознемирувачка
Според „Newsweek“, во моментот на пукањето во возилото со Рене се наоѓала и нејзината партнерка.
„Покрај неа во автомобилот имаше жена која по пукањето ја гушкаше и плачеше“, изјави очевидец.
Неименуваната жена потоа излегла и викала дека таа и Рене имаат шестгодишен син, кој во моментот на пукањето бил на училиште. На фотографиите од внатрешноста на автомобилот во кој се наоѓала Рене се гледа кадифена играчка и детски цртеж.
Мајка на три деца и наградувана поетеса
Рене ја идентификувала нејзината мајка, Дона Генгер, која изјави дека нејзината ќерка во тие моменти веројатно била преплашена. Таа негираше дека Рене била „дел од нешто“, како протестите против „ICE“ кои биле во тек на местото каде што била убиена.
„Рене беше една од најдобрите луѓе што сум ги запознала. Беше полна со емпатија, цел живот се грижеше за другите. Беше полна со љубов и нежност, неверојатно човечко суштество“, изјави нејзината мајка за „Minneapolis Star Tribune “, пренесува „Daily Mail“.
Рене Никол Гуд била мајка на три деца и наградувана поетеса. Израснала во Колорадо Спрингс, а студиите ги завршила во Норфолк, Вирџинија. Била во брак со комичарот Тимоти Реј Меклин Помладиот, кој починал во 2023 година на 36-годишна возраст, со кого имала син (6). Рене беше убиена во близина на домот во кој живеела со партнерката.
Таа и Меклин имаа син (6), кој сега остана и без мајка. Неговиот дедо по татко изјави дека „нема никој друг во животот“ и дека ќе направи сè за да ја преземе грижата за својот внук. Другите две деца не живееле со убиената Рене.
Соседите велат дека Рене, нејзиниот шестгодишен син и нејзината партнерка неодамна се доселиле во нивната населба. За семејството имаат само пофални зборови, а Рене ја опишуваат како добра мајка која често ја гледале како го шета кучето со својот син, пишува „Star Tribune“.

Петта смрт поврзана со репресијата на имиграционите власти
Пукањето во Минеаполис претставува остра ескалација на најновите мерки на администрацијата на Трамп во спроведувањето на имиграционите закони во големите американски градови, пишува „Њузвик“.
Ова е петта смрт поврзана со репресијата на имиграционите власти во Соединетите Американски Држави од 2024 година.
Секретарката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, ги опиша постапките на Рене Никол како „чин на домашен тероризам“, наведувајќи дека таа „го користела своето возило како оружје“ и ја оправда постапката на полицаецот.
„Тој го направи токму она за што е обучен и што требало да го направи во таа ситуација. Реагираше брзо и дефанзивно, пукаше за да се заштити себеси и луѓето околу него“, изјави таа.

Трамп го брани агентот на „ICE“
Ноем тврди дека Рене цел ден ги вознемирувала полицајците, се обидувала да им го блокира патот со автомобилот и „се обидела да прегази полицаец (агент на ICE)“ пред да биде застрелана. Слични тврдења изнесе и Трамп во обид да го одбрани агентот кој ја уби.
Џејсон Чавез, член на Градскиот совет на Минеаполис, за „Еј-Би-Си њуз“ изјави дека 37-годишната мајка била само „набљудувач“.
„Таа се грижеше за нашите соседи, а нејзиниот живот го одзеде федералната влада. Секој што ќе убие некого во нашиот град мора да биде уапсен и кривично гонет согласно законот“, соопштија од Градскиот совет на Минеаполис.
Сведоците изјавија дека Рене само го снимала протестот и дека не правела проблеми.
Според Кристи Ноем, имиграционата служба во последните недели уапсила повеќе од 1.500 лица во Минесота.
Бирото за кривични истраги на Минесота и „FBI“ покренаа истрага за прекумерна употреба на сила.
















