Сопственичката на барот на смртта бегала со касата со пари додека луѓето гореле? Откриени нови морничави детали за трагедијата во Кран-Монтана, вработените не помогнале?

Точка

08/01/2026

20:27

2.628

Големина на фонт

а а а

Се појавија нови информации за трагичниот пожар во швајцарскиот град Кран-Монтана, каде на новогодишната вечер во клубот „Le Constellation“ животот го загубија 40 лица, главно млади.

Имено, како што известува весникот „Repubblica“, надзорните камери наводно ја снимиле сопственичката Џесика Морети додека го напушта клубот во пламен, држејќи во рацете каса со пари.

Сведоци исто така изјавиле дека сопственичката побегнала со касата цврсто стегната во рацете додека пламенот ги проголтувал гостите. Поради тоа, полицијата ја прегледува целата достапна снимка од клубот, вклучувајќи ги и оние од надзорните камери кои главно го покривале влезот во барот.

Реконструкција

Според досегашните информации, Морети во моментот на избувнувањето на пожарот била во клубот со својот син од првиот брак, кој воедно бил и раководител на персоналот, и самата се здобила со изгореници на раката. Нејзиниот сопруг и сопственик на клубот, Жак, во тоа време се наоѓал во друг локал.


Снимките од уличните камери наводно прикажуваат драматично различно однесување на мајката и синот. Додека младиот човек одвнатре се обидувал да ги скрши плексиглас панелите на верандата за да ги ослободи заробените гости, таа, како што се гледа на снимката, побегнала на улица – со касата во рацете.

Ако автентичноста на снимката се потврди, овој детаљ значително би ја влошил правната положба на сопственичката. Таа и сопругот Жак се товарат за убиство од небрежност, нанесување повреди и предизвикување пожар, а сопственичката на барот сега може да се соочи и со обвинение за непружање помош.

Обвинителката Беатрис Пилу исто така разгледува заострување на обвинението во насока на евентуална умисла за двајцата осомничени. Повеќе елементи укажуваат дека сопствениците биле свесни за огромниот ризик за гостите: од лесно запаливите материјали користени за плафонот и затворените излези за итни случаи, до целосниот недостаток на противпожарен систем и апарати за гасење.

Истрагата се шири и на постари снимки

Полицијата во обид да открие што точно се случило во критичните минути помеѓу избувнувањето на пожарот и огнената стихија, која на новогодишната вечер однесе 40 животи и остави 116 повредени, прегледува бројни снимки. Анализата би можела да доведе и до промена на обвинението против сопствениците, семејството Морети, од небрежност кон намерно предизвикување опасност, со оглед на тоа што, како што се сомнева, биле свесни за ризиците, но не преземале ништо за да ги спречат, пишува „Il Messaggero“.

Истражителите посебно внимание посветиле и на постари снимки, како онаа од дочекот на Новата 2020 година. На неа се гледа како во клубот „Le Constellation“ прскалки во шишиња се подигнуваат кон звучно изолираниот спуштен плафон, додека член на персоналот двапати предупредува: „Внимавајте на пената“. Според обвинителството, ова би можел да биде клучен доказ дека сопствениците биле свесни за опасноста, а обвиненијата можат да им донесат и до 20 години затвор. Друга снимка, направена во ноќта на трагедијата, прикажува келнерка со црна кацига на главата која, седната на рамениците на млад човек, подигнува шише со прскалка кон плафонот и така предизвикува пламен.

Никој од вработените не помогнал

На ниту една од досега прегледаните снимки не се гледа дека некој од вработените во клубот интервенирал – да го гасне пожарот со вода, да ги вклучи светлата, да ја исклучи музиката или да ги насочи гостите кон излезите. Дури не ги отвориле ни задните врати за да ја олеснат евакуацијата. Поради создадената паника, многу адолесценти починале или се здобиле со тешки изгореници поради паѓање и газење во стампедо, вдишувајќи го зажарениот чад. Експертите со помош на снимките сега се обидуваат да утврдат колку животи можеле да бидат спасени доколку персоналот реагирал навремено.

Поради непружање помош, под истрага се и обезбедувачите на клубот, а истражителите прегледуваат и снимки од други ресторани во сопственост на семејството Морети: „il Senso di Crans“ и „Le Vieux Chalet di Lens“.


Мистерија во истрагата

Мистеријата во целата истрага е фактот што телата на жртвите биле вратени на семејствата без извршена обдукција и без наведена причина за смрт во документите. Прашањето зошто обвинителството не наредило медицинско-правни вештачења ги мачи семејствата, вклучително и семејството на Емануеле Галепини, еден од шесте италијански момчиња кои загинале во пожарот.

Адвокатот Себастиен Фанти, кој застапува една од италијанските фамилии, бил јасен: „Нешто не функционираше во примената на процедурата. Невозможно е телата да се вратат во татковината без потврда што ги наведува причините за смртта“. Барањата на адвокатите сега би можеле да доведат до отворање на истрага во Рим и извршување на обдукции во Италија.

Семејството на Галепини, идентификуван преку ДНК анализа, не разбира зошто воопшто било потребно генетско тестирање. На неговото тело немало траги од изгореници, а во џебот имал мобилен телефон и документи во пластична футрола – сè недопрено. Нивното барање до швајцарските власти за обдукција останало без одговор. Тие пренеле: „Телото нема да биде кремирано“.

Правна битка и дипломатски чекори

„Со оглед на бројот на италијански жртви, соодветно би било да се провери можноста за отпочнување кривичен процес и во Италија, како што тоа го направи Франција“, истакнува адвокатот Фанти. Меѓутоа, италијанското правосудство не може да отпочне постапка за дела од небрежност извршени во странство, освен ако сторителите не се на италијанска територија или ако не интервенира Министерството за правда, што сè уште не се случило.

Во наредните денови, италијанскиот амбасадор во Швајцарија, Џан Лоренцо Корнадо, ќе се сретне со властите на кантонот Вале во Сион да добие повеќе информации за текот на истрагата. „Ќе бидам во Сион за да се сретнам со сите локални власти, од владини до полициски и правосудни, за да соберам информации за истрагите“, изјавил амбасадорот.