[ФОТО] ИРЛ отвора нови сомнежи за „Пулс“: Младите не ги убил само чадот туку и цијановодород – смртоносен гас кој се користел во нацистичките логори?

Точка

23/12/2025

20:47

2.383

Големина на фонт

а а а

Обдукциските извештаи покажуваат дека ниту една од 50-те жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кај кои како причина за смрт е наведено задушување со јаглерод моноксид, немала нивоа на овој гас кои би биле фатални. Овие наоди отвораат сериозни прашања за вистинската причина за трагедијата во која животот го загубија многу млади луѓе, пишува „ИРЛ“.

Според обдукциските извештаи, хемиските и градежните вештачења, како и новата линија на сведоштва од лица вклучени во настаните кобната ноќ на 16 март, во просторот на клубот „Пулс“ гореле исклучително токсични материјали. Меѓу нив бил и полиуретански сунѓер, кој при горење ослободува цијановодород – гас кој може да предизвика брза смрт и при ниски концентрации.

Иако обвинителите и судските вештаци по судска медицина биле запознаени со оваа можност, за време на истрагата не било испитано присуството на цијанид во организмите на жртвите.


„Умираа насекаде“

Кога медицинскиот техничар Зоран Попов ја примил дојавата на бројот 194 во 2 часот и 44 минути, не очекувал ништо повеќе од рутинско дежурство во мал град – тепачка, сообраќајна несреќа или повик за старо и болно лице. Заедно со екипата на Итната медицинска помош – медицинската сестра Александра Кокева, докторката Дивна Давиткова и возачот Иле Гоцевски – веднаш се упатиле кон градската дискотека „Пулс“.

За околу десет минути, првите возила на Итната помош веќе биле на местото. Болницата во Кочани брзо ја активирала вонредната состојба – до 3 часот и 1 минута, 80 отсто од персоналот бил на работа, а сите одделенија отворени.

Во комбето на Итната помош, со Попов биле превезувани тинејџерите кои успеале навреме да излезат од клубот. Но, како што сведочи тој, вистинскиот смртоносен бран се случувал надвор од „Пулс“.

„Умираа, и во комбе, и пред лифтови, по скали, секаде умираа. Зборуваа, зборуваа, и паѓаа и умираа“, раскажува Попов. Тој се сеќава и на деца кои на прв поглед изгледале лесно повредени и самостојно влегувале во возилата, но за неколку минути ненадејно починувале.

„Тоа беше хорор. Никој не може точно да каже за колку време умираа. Но беше многу брзо – најмногу десетина минути“, вели тој, додавајќи дека вакви необјасниви смртни случаи таа ноќ забележале и други екипи.

Не гледале оган, а гореле

Само десетина минути пред избувнувањето на пожарот, Венко Јовановски стоел на шанкот, на околу 15 метри од бината. Јасно го слушнал предупредувањето од бендот дека има пожар. Неколку секунди подоцна почувствувал силно печење по рацете, иако никаде немало видлив пламен.

„Како да бев во фурна“, сведочи тој. Од таванот почнале да капат црни капки, слични на саѓи, кои паѓале врз луѓето и им ја палеле кожата и косата.

[Фотографија од вештачењето на облеката на починато лице, на која се забележуваат црни капки]

Слично сведоштво дал и гитаристот на групата ДНК, Горан Тонев, кој во исказите пред надлежните опишал црни капки што паѓале од плафонот и им ја палеле косата на присутните, иако во близина немало оган.

„Почувствував дека ми гори косата. Со рака се удирав по главата. Многу печеше, пржеше, и во еден момент помислив дека ќе умрам“, изјавила 17-годишната Мелиса Велиова во Обвинителството.

Мирис каков што не паметат

Пожарникарот доброволец Ангелчо Ангелков, кој таа ноќ работел како таксист, од својот прозорец забележал густи облаци чад и пламен над градот. Живеел во близина и веднаш се упатил да помогне во гаснењето.

Но, внатре во „Пулс“, како што вели, се соочил со нешто што не го доживеал ниту во еден претходен пожар.

„Сум гасел многу пожари, но ова не знам на што мирисаше, не можам да го споредам со ниеден друг пожар“.

Следниот ден, поради влошена здравствена состојба, бил префрлен од болницата во Штип на лекување во Државната клиника за токсикологија во Скопје.

[Фотографија од вештачењето на облеката на починато лице, на која се забележуваат црни капки]

Недоследности во причината за смрт

До 5:30 часот наутро, директорката на кочанската болница писмено и телефонски ги информирала обвинителите дека примиле 47 лица без знаци на живот, како и уште три целосно јагленисани тела. Од болницата нагласиле дека кај нив не починало ниту едно лице – смртта била само констатирана, а на оние со минимални знаци на живот им била укажана медицинска помош.

Обвинителството побарало информации за причината на смртта, но болницата не можела да даде одговор – тоа требало да го утврди обдукцијата.

Токму тука, според анализата на ИРЛ, се појавуваат сериозни недоследности. Сведоштвата на преживеаните, пожарникарите, медицинскиот персонал и волонтерите покажуваат заеднички образец: просторот не мирисал на чад, туку на силни, непознати хемикалии. Луѓето колабирале за неколку минути, дури и кога имале простор да се движат. Многумина излегувале живи и комуницирале, за потоа ненадејно да починат без видливи изгореници.

Во повеќе искази се повторува и описот на црни капки што паѓале од таванот, палат коса и кожа, додека телата едноставно се гаселе – како исклучени.

Од „Пулс“ лажеле дека вградиле графитен сунѓер, вештачењето тоа го оспорило

Во деновите по пожарот, по налог на Јавното обвинителство, професори од Природно-математичкиот факултет започнале детално испитување на материјалите што гореле во дискотеката „Пулс“. За анализа биле земени примероци од истопена пластика од сепарињата, сунѓер од седиштата, салонит од кровната конструкција, како и истопена пластика од просторот пред бината.

Иако од „Пулс“ тврделе дека во објектот бил вграден графитен сунѓер, вештачењето го побило ова тврдење. Клучниот материјал – акустичниот сунѓер поставен на таванот, кој според видеоснимките прв се запалил од искрите на пиротехниката – не можел да биде анализиран, бидејќи целосно изгорел во пожарот.

[Фотографија од таванот во дискотеката на којa се гледа полиуретанскиот сунѓер за акустична изолација]

Поради тоа, истражителите ги обезбедиле фактурите од кратовската компанија „Силпен“, од која уште во 2012 година бил набавен сунѓерот за звучна изолација, во количина од 95 килограми. Од компанијата било побарано да достави идентичен материјал за потребите на истрагата.

Лабораториските анализи покажале дека не станува збор за графитен сунѓер, како што било наведено во проектната документација, туку за полиуретански сунѓер.

Станува збор за материјал без отпорност на оган, кој при согорување ослободува густ и исклучително токсичен чад, како и водороден цијанид – гас со брзо и смртоносно дејство. За разлика од јаглерод моноксидот, кој делува постепено и е без мирис, цијановодородот предизвикува нагла дезориентација, губење на координацијата, парализа и смрт за само неколку минути. Овој гас е толку смртоносен што во Холокаустот бил користен за да се усмртат милиони луѓе во нацистичките логори.

Токму вакви симптоми опишуваат и голем дел од преживеаните од пожарот во дискотеката „Пулс“.

Целосната сторија прочитајте ја на следниот ЛИНК.