Новогодишна честитка за граѓаните: Од 1 јануари повисоки сметки за струја, РКЕ објави за колку ќе поскапи

Макфакс

23/12/2025

13:24

3.905

Големина на фонт

а а а

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека изврши корекција на доставената предлог-одлука за финалната цена од страна на универзалниот снабдувач „ЕВН хоме“.

Од 1 јануари 2026 година, наместо предложеното зголемување од 7,66 % што „ЕВН хоме“ го достави во одлуката, РКЕ по спроведените анализи и повторни пресметки, одлучи во првиот блок да има корекција од 2,45 % . Во вториот блок цената ќе се зголеми 2,87 %, а предлог-зголемувањето на „ЕВН хоме“ е 8,54 %. Во третиот блок цената ќе се зголеми 3,32 % иако беше предложено да има зголемување од 9,63 % и во четвртиот блок зголемувањето е 3,84 % наместо предложените 11,86 %.


Во однос на евтината тарифа, „ЕВН хоме“ предложи зголемување за 3,96 %, а РКЕ одлучи таа да се коригира за 2,50 %.

„Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го во предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата и енергентите што РКЕ ги регулира или контролира, како и досега така и денес, ги споделуваме во детали одлуките, односно во конкретниот случај одлуката за ‘ЕВН хоме’. Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата што користат електрична енергија во првиот и во вториот блок ќе се зголемат за 2,59 %, а оние што имаат потрошувачка и во третиот блок – сметката ќе се зголеми 2,79 %“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.


РКЕ оценува дека „ЕВН хоме“ го има применето тарифниот систем, но во предлог-одлуките за нови цени и распоредот на трошоците по блокови не е применет клучниот регулаторен принцип, а тоа е урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и корисниците, односно потрошувачите.

Од РКЕ велат дека регулаторот има цел да дефинира крајни цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, при што внимава да се заштитат потрошувачите од ценовен шок. Податоците покажуваат дека вкупно 64 % од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, речиси 21 % им се тарифира и во вториот блок, а третиот блок го користат 1,73 % од потрошувачите.