Хулк Хоган, легендарниот „кечер“ почина на 71-годишна возраст

Точка

24/07/2025

18:41

2.216

Големина на фонт

а а а

Како што јавува „TMZ Sports“, легендарниот американски кечер Халк Хоган почина на 71-годишна возраст.

Итна помош била испратена во раните утрински часови во четвртокот во неговиот дом во Клирвотер, Флорида, по дојава за срцев застој. Според достапните информации, пред куќата биле забележани повеќе полициски возила и возила на итна помош, а Хоган бил изнесен на носилки и пренесен во болница.

„Светската федерација за кеч со голема тага ја пренесува веста дека членот на Куќата на славните, Халк Хоган, почина. Како една од најпрепознатливите фигури во поп-културата, Хоган ѝ помогна на федерацијата да добие глобално признание во осумдесеттите години. Федерацијата изразува искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и фановите“, се наведува во соопштението објавено на мрежата „Икс“.

Скорешни гласини за здравјето

Само пред неколку недели, неговата сопруга Скај ги негирала шпекулациите дека Хоган е во кома, наведувајќи дека неговото срце е силно и дека се опоравува по неколку операции. Месец претходно се појавија информации дека е „на смртна постела“, но тогаш се тврдело дека станува збор за компликации по операција на вратот од мај.

Икона која го промени светот на кечерите

Хоган беше централна фигура во претворањето на професионалното борење во глобална семејна забава. Пред неговото искачување, кечот привлекуваше ограничена публика, но благодарение на неговиот стил, харизма и сценски настап, спортот стана масовно популарен, особено меѓу децата и родителите.


Во 1996 година направи голем пресврт во кариерата – од херој стана негативец, основајќи го легендарниот тим „NWO“ (New World Order), по што го зеде името „Hollywood Hulk Hogan“, дополнително зголемувајќи го својот рејтинг и рејтингот на целиот спорт.

Член на WWE Куќата на славните – двапати

Хоган првпат беше примен во „WWE Hall of Fame“ во 2005 година, но беше отстранет во 2015 поради скандал кој избувна кога во јавност протече снимка со расистички коментари, снимена без негово знаење за време на интимен однос. Медиумската куќа „Gawker“ ја објави снимката, а Хоган поднесе тужба и на крајот ја доби.

Вториот пат беше примен во Куќата на славните на WWE во 2020 година – овој пат како член на „NWO“.


Успешна филмска и телевизиска кариера

Хоган имаше и забележителна филмска кариера, која започна во 1982 година со улогата на „Thunderlips“ во филмот „Rocky III“. Глумеше и во филмови како „No Holds Barred“, „Suburban Commando“ и „Mr. Nanny“.