По веста за смртта на Хулк Хоган, светот се простува не само со легенда на кечот, туку и со една од највпечатливите личности од поп-културата на доцниот 20. век.
Хоган, со вистинско име Тери Болеа, почина во својот дом во Клирвотер, Флорида, на 71-годишна возраст, по срцев удар. Но зад тој трагичен крај стои живот исполнет со блесоци, падови, скандали и незаборавни моменти.
Во светот на професионалната боречка забава, Хулк Хоган е име што се изговара со почит. Дебитирал во 1977 година, а славата ја стекна во 1980-тите кога ВВЕ (тогаш ВВФ) ја живееше својата златна ера. Со својата впечатлива појава, долга руса коса, портокалови панталони, надуени мускули и препознатливото „Брате!“, Хоган не бил симбол на американската суперкултура.
Дванаесеткратен светски шампион, Хоган шест пати ја носеше титулата во тешка категорија и уште шест пати беше шампион на ВВЕ. Тој беше првиот кечар кој ја премина границата меѓу спортот и шоу-бизнисот, станувајќи икона која полнела арени како рок-ѕвезда, глумел во филмови, доби свои цртани серии и лансираше линија на играчки и маички.
Во средината на деведесеттите години, славата на Хоган почнала да бледее. Се појавиле критики дека неговите настапи станале предвидливи, а публиката сè повеќе се врзувала за нови ѕвезди. Токму тогаш, тој направил храбар потег – преминал во конкурентската организација ВЦВ и целосно го смени имиџот, претворајќи се во „лошото момче“. Промена што го одржа во центарот на вниманието и докажа дека знае да се прилагоди.
Освен во рингот, Хоган се појавил и на големото платно. Иако никогаш не бил сериозно сфатен како актер, настапите во филмови како „Без правила“ (1989), „Командос од предградието“ (1991), „Господин дадилка“ (1993), како и во серијата „Гром во рајот“ (1994), му донеле голема популарност кај публиката.
Ниту во приватниот живот Хоган не ја избегнал турбуленцијата. Признал дека користел стероиди, бил вмешан во неколку судски процеси, а најконтроверзниот случај било објавувањето на интимна снимка со жена на пријател, што резултирало со долг судски процес за повреда на приватноста и емоционална болка.
Со првата сопруга, Линда Клериџ, се оженил во 1983 година. Заедно ги добиле ќерката Брук и синот Ник. Нивниот живот бил документиран во реалното шоу „Хоган знае најдобро“, но зад камерите бракот доживеал крај во 2007 година, откако таа го обвини дека ја изневерил со најдобрата пријателка на нивната ќерка. Разводот бил официјализиран во 2009 година, а Линда подоцна јавно проговорила за болката и нарушените односи во семејството – вклучувајќи ја и отуѓеноста со ќерката Брук, која ја исклучила од својот живот.
„Минаа 15 години откако го напуштив Хулк Хоган, а моето семејство е во најлош хаос – рекла Линда и објаснила дека ќерка ѝ ја исклучила од својот живот. – Брук не зборува со нас. Родила близнаци, се омажи и не ни кажа.“
По разводот, Хоган стапил во нов брак со Џенифер Мекданиел во 2010 година, кој траел до 2022. Во 2023 година, тој се оженил со Скај Дејли, со која останал до крајот на животот.
Иако контроверзите го следеа до самиот крај, невозможно е да се негира влијанието на Хулк Хоган врз светската сцена на забавата. Тој не беше само кечер, тој беше и беше бренд, културна икона и симбол на еден бунтовен, забавен и понекогаш хаотичен дел од американската историја.
Неговата приказна е лекција за тоа како славата знае да биде и благослов и товар. Но, на крајот, публиката ќе го памети како човекот што ја крена раката кон небото, ја активираше „Хулкманијата“ и донесе ера на спектакл каква што до тогаш не била видена.