Папа Лав XIV под сенка на голем скандал, црквата молчи? „Сакавме да спречиме да биде избран“

Точка

09/05/2025

19:26

3.964

Големина на фонт

а а а

Само кратко време по изборот на Роберт Франсис Превост за нов папа, во јавноста се појавија сериозни обвинувања за негово наводно игнорирање на пријави за сексуално злоставување на деца од страна на свештеници во Чикаго и Перу.

Организацијата "SNAP" – мрежа на преживеани жртви од свештеничко злоставување – тврди дека пред изборот на новиот папа ги предупредиле кардиналите дека Превост не презел мерки во случаи на злоставување за кои, како што велат, знаел.

„Молчењето е грев. Тоа не е она што Бог го сака. Исус сака да ги спречиме ваквите работи, а не да создадеме услови за нивно ширење“, изјави потпретседателот на "SNAP", Лопез де Касас, за „Daily Mail“.


Свештеник-злоставувач сместен во близина на училиште

Според нивните обвинувања, додека Превост бил одговорен за августинците во Чикаго, тој наводно дозволил свештеникот Џејмс Реј – кој претходно бил отстранет од јавна служба поради обвиненија за малтретирање малолетници – да живее во манастирот Свети Џон Стоун во Хајд Парк.

Реј, според тврдењата, престојувал во непосредна близина на основното училиште Свети Тома Апостол, без да бидат информирани раководителите на училиштето. Црквата, пак, тврдела дека Реј е „под строг надзор“. Слични обвинувања пристигнуваат и од Перу, каде Превост бил бискуп на епархијата Чиклајо од 2014 до 2023 година.

Новиот папа наводно не иницирал официјална црковна истрага против двајца свештеници обвинети за сексуално злоставување, иако жртвите Ана Марија Киспе и нејзините сестри тврделе дека епархијата под негово водство ги минимизирала нивните сведоштва во извештаите испратени до Ватикан.


Кардиналите биле предупредени пред изборот

Од "SNAP" истакнуваат дека сите 135 кардинали со право на глас биле информирани за наводното непостапување на Превост во овие случаи. Тие додаваат дека тој бил еден од најризичните кандидати за папската функција токму поради овие скандали.

„Беше високо на нашата листа за следење. Сакавме да спречиме да биде избран, но сега сме таму каде што сме“, изјави Лопез де Касас, кој и самиот преживеал злоставување од страна на учители и свештеници.

Тој раскажа како како дете бил злоставуван од наставници во јавното училиште, а кога неговата мајка забележала нешто чудно, го однела кај свештеник во парохијата. Свештеникот потоа побарал од него да покаже што му правеле учителите – и сам го злоставувал.