Трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани уште еднаш ги истакна смртоносните последици од неправилната употреба на пиротехничките средства во ноќните клубови, проблемот со непочитувањата на стандардите, корупцијата.
Во текот на историјата слични трагедии однесоа илјадници животи, a сите водат кон истиот заклучок – грешките продолжуваат да се повторуват, а владите, институциите, сопствениците на дискотеките, менаџерите на бендовите и организаторите на слични настани во светот очигледно не научиле многу од претходните искуства.
Овие трагедии не само што чинат животи туку наметнуваат и голем број прашања во поглед на регулирањето на ноќните клубови и безбедносните стандарди. Факт е дека недостигот на регулативи доведува до трагични исходи, а корупцијата им овозможува на бизнисите да ги заобиколат правилата на игра, без оглед на катастрофата што би можела да се случи.
И покрај разните локации на кои во минатото се случувале вакви трагедии, заедничко кај опожарените дискотеки, кои резултирале со голем број жртви, е водењето бизнис без план за евакуација и кревки структури, а сето тоа разоткрива еден системски неуспех да се извлече поука од трагедиите што секојпат го шокираат светот како да е првпат.
1. „Станица“ – Западен Ворвик, САД, 2003 година
Ова е еден од најозлогласените пожари во ноќните клубови во историјата. Трагедијата беше предизвикана од употреба на пиротехника во внатреешен простор, која ја разгоре звучната изолација од полиуретанска пена. Пожарот бргу се прошири, за шест минути го зафати клубот и остави 100 мртви и над 200 повредени. Недостигот од излези за итни случаи и соодветни безбедносни мерки придонесоа за големиот број жртви.
По пожарот, беа поднесени повеќе граѓански и кривични предмети. Даниел Бикеле, менаџерот на турнејата на бендот „Грејт вајт“, кој ја запали пиротехниката, се изјасни за виновен по 100 точки од обвинението за ненамерно убиство од небрежност во 2006 година и беше осуден на петнаесет години затвор со четири за издржување.
Toj тогаш рече: „Знам како оваа трагедија ме опустоши, но можам за замислам што претрпеле луѓето што ги изгубиле своите најблиски. Не знам дали некогаш ќе си простам за она што се случи таа вечер, па не можам да очекувам од некој друг“.
Бикеле беше ослободен од затвор во 2008 година кога некои семејства на жртвите изразија поддршка за неговото условно ослободување.
Осудени беа и сопствениците на клубот, Мајкл и Џефри Дердеријан. Мајкл Дердеријан доби петнаесет години затвор, а Џефри Дердеријан 500 часа општествено корисна работа.
Пред да биде претворена во ноќен клуб и место за концерти, зградата на „Станица“ се користела како ресторан и таверна.
2. Пожар на рок-концерт во Буенос Аирес, Аргентина, 2004
За време на концерт, пиротехниката разгоре запаливи материјали на таванот, што доведе до густ токсичен чад и паника. Вратите на клубот беа заклучени за да се спречи неплатен влез, што резултира со 194 смртни случаи и над 1.000 повредени.
И овој пожар откри корупција и негрижа во безбедносните проверки.
Клубот се наоѓал во двокатна зграда, со главен влез и шест врати, што воделе во главниот дел на ноќниот клуб. Ноќта кога се случил пожарот четири од шесте врати биле заклучени. Имало и врата поврзана со блискиот хотел, излез за итни случаи, кој бил заклучен, и друг излез за итни случаи, кој бил блокиран со ограда пред бината. Речиси и да немало мерки за заштита од пожари, не бил вграден аларм, а во внатрешноста немало ниту опрема за гаснење пожар. Десет од петнаесетте противпожарни апарати биле неупотребливи, без притисок. Дозволата за заштита од пожари на ноќниот клуб истекла еден месец пред пожарот.
Клубот се наоѓал во двокатна зграда, со главен влез и шест врати, што воделе во главниот дел на ноќниот клуб. Ноќта кога се случил пожарот четири од шесте врати биле заклучени. Имало и врата поврзана со блискиот хотел, излез за итни случаи, кој бил заклучен, и друг излез за итни случаи, кој бил блокиран со ограда пред бината. Речиси и да немало мерки за заштита од пожари, не бил вграден аларм, а во внатрешноста немало ниту опрема за гаснење пожар. Десет од петнаесетте противпожарни апарати биле неупотребливи, без притисок. Дозволата за заштита од пожари на ноќниот клуб истекла еден месец пред пожарот.
На културен план трагедијата ја подигна свеста за состојбата на ноќните клубови и на местата што се користат за музички изведби, а исто така поттикна сериозно преиспитување и на сличните фудбалски практики, како што е употребата на пиротехника. Владата ја разгледа состојбата на ноќните клубови и на другите места, што резултира со затворање голем број од нив.
Сопственикот на ноќниот клуб, Емир Оман Чабан, беше осуден на 20 години затвор во 2009 годинa, но почина во 2014 година. Менаџерот на бендот беше осуден на 8 години за кривично дело небрежност. Покрај сопственикот на ноќниот клуб, беа осудени и неколку градски службеници и инспектори за заштита од пожари. Тие беа прогласени за виновни затоа што не ги спровеле безбедносните прописи и дозволиле место што не ги исполнувало стандардите за заштита од пожари.
Анибал Ибара, кој беше градоначалник на Буенос Аирес во времето на пожарот, се соочи со значителни контроверзии по трагедијата. Тој беше обвинет затоа што не обезбедил правилно спроведување на безбедносните прописи на места како ноќниот клуб „Кромањон“. Ибара беше отповикан во 2006 година од страна на градскиот законодавен дом на Буенос Аирес поради неговата улога во катастрофата.
3. Пожар во ноќниот клуб во Перм, Русија, 2009 година
Низок таван покриен со запаливи пластични украси се запали кога беше активирана пиротехника во затворен простор. Пожарот и токсичниот чад предизвикаа 156 смртни случаи. Оваа катастрофа доведе до построги закони за заштита од пожари во Русија.
Oсуден беше косопственикот на клубот, но и уште неколку од директорите и други лица што не ги обезбедиле соодветните безбедносни стандарди. За виновни беа прогласени и пиротехничарите, кои биле одговорни за огнометот, бидејќи употребениот бил нелегален во затворен простор.
Пожарот откри значителни пропусти во спроведувањето на безбедноста и корупцијата во регионот Перм. Беше сугерирано дека локалните власти, вклучително и противпожарната служба, ги затвориле очите пред прекршувањата на клубот во замена за мито или други услуги. Имаше извештаи дека клубот работел со фалсификувана лиценца.
Како одговор на трагедијата беа упатени повици за реформи на законите за заштита од пожари и построга контрола врз ноќните клубови и другите места. Руските власти исто така спроведоа темелна истрага за безбедносни прекршувања на други забавни места во земјата.
4. Пожар во ноќниот клуб „Бакнеж“ – Санта Марија, Бразил, 2013
Пиротехниката ги запали акустичните панели, а отровниот чад бргу го наполни клубот. Со само еден главен излез и обезбедување, кое првично ги блокирале луѓето да излезат, загинаа 242 лица, а беа повредени повеќе од 600. Недостигот на противпожарни апарати ја направи трагедијата уште полоша.
По трагедијата, беше обелоденето дека капацитетот од само еден излез придонел за високиот број загинати. Дополнително, во објектот снемало електрична енергија, што им оневозможило на посетителите да го пронајдат излезот. Единствената светлина во зградата доаѓала од бањата, каде што луѓето се собрале мислејќи дека трчаат кон излезот, но останале заробени таму. Тоа е вториот најсмртоносен пожар во историјата на Бразил.
Обвинети беа двајцата сопственици на клубот и двајца членови на бендот. На 10 декември 2021 година двајцата сопственици беа осудени на 22, односно 19 години затвор, а членовите на бендот добија затворска казна од 18 години за секого. Сепак, на 3 август 2022 година пресудата беше поништена поради погрешен процес на избор на поротата и денес сѐ уште никој не одговара за трагедијата.
Истрагата претходно утврди дека просториите немале доволно излези за итни случаи и не биле овластени да користат огномет. Противпожарната служба сепак издала дозвола за работа на клубот. Во дозволата стоело дека клубот има два излеза за итни случаи. Фактот дека лажни информации биле користени од клубот и одобрени од противпожарната служба резултира со државна истрага на властите одговорни за надзор на ноќниот клуб, вклучително и градското собрание и самата противпожарна служба.
5. Пожар во ноќен клуб „Колетив“, Букурешт, Романија, 2015
Пиротехниката била запалена за време на концерт и ја пробила полиуретанската акустична пена на таванот. Пожарот се проширил за неколку секунди, а недостигот на излези за итни случаи во клубот заробиле многумина внатре. Шеесет и четири лица ги загубија животите, а бесот на јавноста доведе до масовни протести против владината корупција и слабите безбедносни прописи.
Преплавени од големиот број жртви романските власти префрлија некои од тешко повредените во болниците во Израел, Холандија, Белгија, Австрија, Обединетото Кралство, Норвешка, Германија и во Франција.
Клубот бил отворен во мај 2013 година на локација што претходно била фабрика за чевли, а објектот работел без потребните дозволи за организирање концерти и пиротехнички спектакли. Масовните протести поради корупцијата поврзана со пожарот доведоа до оставка на премиерот на Романија, Виктор Понта.
Зошто овие трагедии продолжуваат да се случуваат?
И покрај овие ужасни настани, пожарите во ноќните клубови предизвикани од пиротехнички средства продолжуваат да се случуваат, а за тоа придонсуваат повеќе фактори:
Пиротехника – кога се користи во затворени простории, пиротехниката лесно може да ги разгори запаливите тавански материјали, акустичната пена или украсите.
Недостиг на безбедносни прописи – многу ноќни клубови работат без соодветни мерки за заштита од пожари.
Корупцијата, небрежноста или недостигот на спроведување често дозволува небезбедните места да продолжат со работа.
Запаливи материјали – многу клубови користат полиуретанска пена за звучна изолација, која е многу запалива и испушта токсичен чад кога се разгорува. Истовремено и дрвените облоги и пластичните украси се клучни фактори за изминатите пожари во ноќните клубови.
Нема излези за итни случаи – многу жртви во минатите трагедии беа заробени поради заклучени или несоодветни излези за итни случаи.
Пренатрупаност – клубовите често го надминуваат капацитетот, што ја отежнува безбедносната евакуација во случај на пожар.
Незнаење за пиротехничките опасности – организаторите на настани често ги потценуваат ризиците од огнометот во затворен простор.
Дали светот научи нешто?
Додека некои подобрувања се направени во законите за заштита од пожари, трагедиите продолжуваат да се случуваат, што докажува дека спроведувањето останува неконзистентно.
На владите им требаат построги политики и ригорозни инспекции за да се осигурат дека клубовите ги следат безбедносните стандарди. Дополнително, сопствениците на местата и организаторите на настанот мора да преземат одговорност за спроведување на мерките за спречување пожари и да дадат приоритет на човечките животи пред профитот.
Трагедијата во Македонија, за жал, останува да служи како уште еден болен потсетник дека игнорирањето на историјата може да чини животи.