Полска и балтичките земји се повлекуваат од меѓународната конвенција за забрана на противпешадиски нагазни мини.
Полска и балтичките земји денеска соопштија дека имаат намера да се повлечат од меѓународната конвенција за забрана на противпешадиски нагазни мини поради зголемената закана од руска агресија.
Министрите за одбрана на Полска, Литванија, Летонија и Естонија во заедничка изјава изјавија дека „едногласно препорачуваат повлекување од Конвенцијата од Отава“, меѓународната конвенција за забрана на противпешадиски мини што стапи на сила во 1999 година.
Тие тврдат дека безбедносната ситуација долж источниот бок на НАТО е „фундаментално влошена“ откако ја потпишале Конвенцијата за забрана на противпешадиски мини и дека „значително се зголемени воените закани за земјите-членки на НАТО кои граничат со Русија и Белорусија“.
„Со оваа одлука испраќаме јасна порака: нашите земји се подготвени и способни да преземат сите неопходни мерки за одбрана на нашата територија и слобода“, напишаа тие.
И покрај нивната намера да го напуштат договорот, тие нагласија дека ќе останат посветени на хуманитарното право, вклучувајќи ја и заштитата на цивилите за време на вооружените конфликти.
Конвенцијата од Отава беше потпишана во 1997 година и стапи на сила во 1999 година.
Речиси триесет земји не се приклучија на Конвенцијата, вклучувајќи некои клучни сегашни и поранешни производители и корисници на нагазни мини, како што се САД, Кина, Индија, Пакистан, Јужна Кореја и Русија.