Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов од Виница е еден од повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“, а денес сите зборуваат за неговиот херојски подвиг, откако беше објавено на социјалните мрежи дека успеал да спаси 21 дете.
„Со голема благодарност и емотивна почит, би сакала да го споделам херојскиот чин на Јован Костадинов од Виница, кој не само што ги спаси животите на 21 деца во трагичната несреќа во ноќниот клуб во Кочани, туку го спаси и мојот син. Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот“, напиша една мајка на социјалните мрежи.
Таа го опишува Јован како вистински херој – младо момче со големо срце и неописива храброст, кој го ризикувал својат живот за да спаси туѓи животи.
„Јован на тебе ти го должам новото утре, новата насмевка, новата надеж и новиот живот на мојот син. За тебе нема зборови кои можат да го искажат моето благодарност и почит. Благодарност од дното на срцето. Ти ми го даде најголемиот подарок што може да го добие една мајка, го спаси животот на моето дете. Ти ќе останеш засекогаш во моите молитви и во нашите срца“, додава мајката.
И други лица кои го познаваат, јавно го фалат херојството на ова младо момче.
Херој❤️😇
Posted by Iva Dimkovska on Tuesday 18 March 2025
„Ах ти храбро детиште, ах ти хероју наш, многумина можат да ти позавидат и тоа сосема оправдано. За твојата храброст, хуманост, емпатија, не постои ниту едно мерило, ГОЛЕМ човеку. Горда, прегорда сум на тебе душичко наша. Заслужуваш орден Јован. Дојде од Виница само за да ги спасиш твоите другари и секој еден присутен, само по допрен глас. Го ризикуваше сопствениот живот, за да спасиш туѓи. Поклон до земја… Учител на сите нас. Јован злато од дете!“, се вели во друга објава.