Ужасни приказни од Газа: „Мамо, изморена сум, сакам да умрам“

Точка

19/03/2025

22:47

1.908

Големина на фонт

а а а

Сама Тубаил, осумгодишното девојче, ја чешла својата коса со четка, гледајќи се себеси во огледало, а потоа почнува да плаче. Тоа ја потсетува Сама на сеќавањата од животот пред 7 октомври 2023 година, кога таа имала долга коса и играла надвор со своите пријатели во северниот дел на појасот Газа, во Џабалија.

Оттогаш, таа и нејзиното семејство, како и други 1,9 милиони Палестинци, беа принудени да ги напуштат своите домови, пренесе Си-ен-ен.


„Толку сум тажна што немам ниту едно влакно за чешлање“, рече Сама држејќи ја главата во рацете. „Го држам огледалото затоа што сакам да ја чешлам косата, навистина сакам повторно да имам коса“.

УНИЦЕФ, агенцијата за деца на Обединетите нации, во извештајот минатиот јуни процени дека на речиси сите 1,2 милиони деца во Газа им е потребна психолошка поддршка, особено на оние кои биле изложени на повторени трауматични настани.

„Зошто не ми расте косата?“

Минатата година, лекарите ѝ дијагностицирале губење на косата на Сама како последица на шок, особено откако куќата на нејзиниот сосед била погодена од израелски воздушен напад во август. Сите овие околности придонеле за нејзината алопеција, состојба која предизвикува опаѓање на косата.


Извештајот објавен кон крајот на минатата година од „War Child Alliance“ и Центарот за обука за управување со кризи во Газа укажува на сериозното психолошко влијание на израелските напади врз децата во текот на изминатата година. Извештајот, заснован на анкети на повеќе од 500 старатели на ранливи деца, открило дека 96% од децата сметале дека смртта е неизбежна, а речиси половина изразиле „желба за смрт“ поради израелските напади.

Менталното здравје на Саа се влошило откако ја задевале поради губењето на косата. Надвор, таа носи розова, шарена марама за да ја покрие главата.

„Мамо, уморна сум – сакам да умрам. Зошто не ми расте косата, ќе останам ли засекогаш ќелава?“ ја праша Сама својата мајка Ом-Мохамед. „Сакам да умрам и да имам коса во рајот, ако даде Господ“, додаде девојчето.


„Нашата куќа беше бомбардирана и имаше толку многу спомени во неа. Мои слики, дипломи, фустани и многу работи, но куќата беше уништена и оттогаш ја немам видено“, рекла Сама. „Трошоците за превоз се превисоки, а и да тргнеме, нема вода, а не знаеме каде би останале“, продолжи таа.

Ментално здравје во Газа

Обезбедувањето услуги за ментално здравје во појасот Газа отсекогаш било предизвик. Д-р Јасер Абу Џамеи, директор на програмата за ментално здравје на заедницата (GCMHP), рече дека за време на израелскиот напад, неговиот персонал претрпел траума, што го отежнало обезбедувањето помош. „Повеќето од мојот персонал работат од раселените области“, изјави Абу Џамеи.

Една од техниките што ја користат е терапијата со цртање, која им овозможува на децата да ги изразат своите чувства. „Едно дете рече: Моите пријатели се на небо, но едниот го пронајдоа без глава“, додаде Абу Џемеи.


Седумгодишниот Анас и осумгодишната Доа од Газа ги загубиле родителите во израелски напад. „Дојде дрон и експлодираше врз нив“, рече Анас. Нивната баба Ом-Алабед истакнала дека децата се длабоко погодени и дека Анас чувствува тага кога ги гледа другите деца со нивните мајки.


Манал, шестгодишното девојче, се присетила на моментот кога нејзината куќа била уништена, а нејзините родители биле убиени. „Имав прашина во устата, врескав, тие копаа со лопата, а нашиот сосед велеше: „Ова е Манал, ова е Манал“. Бев будна, моите очи беа широко отворени под урнатините, а прашината ми влегуваше во устата“, рече таа.

„Дури и со завршување на војната, на децата им е потребна стабилност за која ќе им помогне да закрепнат. Децата никогаш нема да бидат исти како пред војната, но со правилен третман можат делумно да закрепнат“, изјави израелскиот психолог и професорка на Универзитетот во Пенсилванија, Една Фоа.