Стефан Бурназов работел кобната ноќ и следниот ден заедно со возачот на Итната медицинска помош, Иле Гоцевски, кој трагично почина по неуморната и тешка работа за помош на повредените млади луѓе.
Бурназов на социјалните мрежи напиша дека заедно со неговиот драг и непрежален колега Гоцевски 24 часа го оставиле срцето на терен.
„На раце ми останаа телата на безброј деца и млади, меѓу кои и двајца мои најдобри другари. Помагавме неуморно и без престан. Болката, траумата и сликата ќе ми останат врежани додека чука и моето срце“, пишува Бурназов.
Тој му се обрати на министерот за здравство Арбен Таравари прашувајќи го дали знае дека најпонижуваната и најнеплатена професија е да си возач на Итната медицинска помош.
„Во неколку наврати сме понижувани од повисокиот медицински персонал, од роднините на пациентите, третирани сме како дно под дното, газени и газени како да не постоиме. Ние работиме сè: кога е потребен доктор – доктори сме, кога е потребен медицински техничар, и тоа сме, кога е потребен болничар, и тоа сме… Знаеш ли дека ни сме сè, а всушност сме ништо! Одговорноста при транспорт на пациентот, докторот и сестрата е наша! Одговорност имаме за сè, плата имаме – ништо! Најмала плата, најмал бенифециран стаж! Кога се покачува платата во здравство, ние сме административно-технички персонал! Во очите на другите ние сме никој и ништо! Не очекувам да се смени нешто, но луѓето треба да сфатат дека полицаецот, докторот и сестрата не се ништо повеќе од нас! Почина колега кому треба споменик да му се направи. За мене, тој не беше само колега , тој е херој!“, пишува колегата на Гоцевски.
На овој коментар тој доби одговор од министерот Арбен Таравари, кој изрази неизмерно жалење за загубата на Иле опишувајќи го како човек кој даде сè од себе во оваа незамислива трагедија.
„За мене, тој не беше само возач, туку спасител, човек што стави други животи пред својот сопствен. Неговата жртва нема да биде заборавена, а неговото име треба да остане врежано како симбол на човечност и пожртвуваност“, напиша Таравари.
Министерот вели дека е свесен оти работата на возачите на Итната медицинска помош честопати знае да биде занемарена или да биде во сенка и тврди дека тоа не смее да биде така.
„Никој што спасува животи не смее да биде понижен, невидлив или потценет. Вие не сте административно-технички персонал. Вие сте тие што први стигнувате кога нечиј живот виси на конец. Вие сте рацете што носат надеж. Она што можам да го ветам е дека вашиот глас ќе биде слушнат. На Вашиот колега Иле и на сите вам што сте го оставиле срцето на терен во оваа трагедија ви должиме повеќе од само зборови“, напиша Таравари.
Министерот во продолжение вети дека време е ова прашање да биде отворено на највисоко ниво, а тоа нема да го заборави.
Веста за смртта на возачот на Итната помош, Иле Гоцевски, дополнително ја продлабочи тагата. Тој дошол дома по тешката ноќ и по работниот ден, во кој ги превезувал повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Заспал и повеќе не се разбудил.