„Нема да застанеме со процесни дејствија, констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што слободно можеме да кажеме дека имаме катастрофална состојба во однос на постапување на институциите кои требало да реагираат во однос на објектот и потребните услови за негово функционирање, поради што во текот на денот ќе има многу лица кои ќе бидат приведени, вклучувајќи ги МВР и други институции, во текот на денот ќе биде информирана јавноста“, соопшти на денешната прес-конференција во МВР министерот Панче Тошковски.
Утрото имале конултации околу издавањето лиценца и работа на вакви објекти, и слободно може да се заклучи дека Македонија нема систем кои би можел да превенира еден ваков ужасен настан, посочи министерот.
„Корупцијата и криминалот не доведуваат до фаза да ги губиме животите на нашите деца. Или одлучно и системски ќе смениме нешто во оваа држава или ќе ја немаме!“, потенцира Тошковски и наведе дека мораме да покажеме одлучност и систематичност во постапките кои следуваат.
„Секој оној кој има директна и индеиректна вина во однос на овој случај ќе одговара, поранешен или сегашен, ќе одговара“ пренесе Тошковски.
Досега е извршена обдукција на 15 лица
Вчера, на Македонија и се случи ужасна трагедија во која животот го загубија 59 луѓе, а повредени се 162 лица, извести министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Околу 2 и 30 часот, во Кочани, во дискотеката „Пулс“ од употреба на пиротехнички средства настанал пожар. По преземени мерки во 4 и 45 часот пожарот е локализиран, а според проценката во дискотеката имало околу 500 лица, на претходно продадени 250 карти согласно информациите коишто ги имаме досега“, кажа Тошковски.
„По дознавање за настанот, формиран е оперативен штаб, за настанот се ангажирани сите надлежни организациски единици на МВР и на терен се преземаа мерки и активности. Направена е координација со Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи, Јавното обвинителство и сите други надлежни институции. Увидот го изврши и се уште го врши тим од јавни обвинители, оддел за форензички испитувања од МВР асистираше, а беа вклучени и други надлежни институции“, изјави министерот.

Тој извесити дека досега е извршена обдукција на 15 лица.
Во критична состојба се вкупно 45 и истите се транспортираат во странство во соодветни здравствени установи, додаде министерот.
Пиротехничките средства ги донел бендот ДНК, концертот бил одржан на диво
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека од извршен разговор со член на групата на ДНК, утврдено е дека пиротехничките средства ги донел бендот.
„За жал, лицето кое било задолжено за нивна употреба е починато. Во врска со пиротехничките средства, ќе биде доставен извештај до ЈО, и потоа ќе достави барање до МВР, при што дополнително ќе се утврди дали истите можеле да се користат без сертификат. Констатирани се низа неправилности во рамки на објектот, кој ги напомена јавниот обвинител“, додаде Тошковски.
Според Тошковски, дискотеката работела во објект чија што намена е лесна индустрија, а не угостителство. За цел клуб имало само два противпожарни апарати. Концертот бил одржан „на диво“ бидејќи немало писмен договор меѓу организаторот и оддржувачите.