Истражување: За време на сексуалниот однос разменуваме „сексоми“, заедници на микроби кои го сочинуваат нашиот генитален потпис

Точка

18/02/2025

22:42

2.010

Големина на фонт

а а а

Како што секој од нас има цревен, орален или кожен микробиом, така имаме и генитален микробиом, кој може да се разбере како своевиден генитален потпис. За време на сексуалниот однос, партнерите разменуваат вакви заедници на микроорганизми, кои подоцна можат да се детектираат на телото на другата личност, открија австралиски научници.

На Универзитетот Мардок во Перт, научен тим земал генитални брисеви од дванаесет моногамни, хетеросексуални парови, а потоа со секвенционирање на гените на РНК го идентификувал гениталниот микробен потпис на секој учесник. Потоа, паровите биле замолени да се воздржат од сексуални односи од два дена до две недели, по што им биле повторно земени примероци неколку часа по сексуалниот однос.


„Откривме дека генетските потписи од женските бактерии се видливи кај нивните машки партнери и обратно. Значи, дошло до промени во ‘сексомот’, како што го нарековме гениталниот микробиом на Универзитетот“, изјави форензичкиот научник Брендан Чепмен.

Количината на пренесени бактерии се разликувала од пар до пар, а интересно е што ниту употребата на кондом не го спречила целосно преносот на „сексомот“ од еден партнер на друг. Сепак, се покажало дека женскиот „сексом“ значително се менува за време на менструалниот циклус, што влијаело врз резултатите.


Микробиомите на долгорочните моногамни парови во одредена мера биле хомогенизирани, но помеѓу половите постои јасна разлика во гениталната бактериска популација. На пенисот и во вагината владеат сосема различни услови, па така се разликуваат и видовите на бактерии што живеат таму.

„Површината на пенисот е слична на површината на кожата воопшто, па микробиомот на пенисот има сличности со микробиомот на кожата. Во вагината, пак, условите се поинакви и таму се пронаоѓаат анаеробни видови бактерии, додека на пенисот доминираат аеробни видови“, објасни Чепмен и додаде: „Многу од овие бактерии не можат бесконечно долго да опстанат во спротивна средина. Можеме да ги споредиме со копнени и морски животни: некои живеат исклучиво на копно, други само во морето и би угинале во поинакви услови. Но, постојат и такви што се движат помеѓу двата амбиента и опстојуваат“.


Откако утврдиле дека за време на сексуалниот однос доаѓа до пренос на бактериските заедници, научниците се надеваат дека ќе докажат и дека „сексомот“ на секој поединец е уникатен, исто како отпечатокот од прст или ДНК. Ако во тоа успеат, смета Чепмен, гениталниот микробиом би можел да биде корисен и во криминалистичките истраги.